2 Петрово. Chapter 2

1 Но во себеси решив да не доаѓам кај вас пак со жал.
2 Зашто, ако јас ве жалостам, тогаш кој ќе ме развеселува мене, ако не оној кого јас го ожалостувам?
3 И точно тоа ви го напишав, кога ќе дојдам да не бидам ожалостен од оние кои би требало да ме зарадуваат; и уверен сум во сите вас дека мојата радост ќе биде радост и на сите вас.
4 Зашто, ви пишував во голема мака, со тешкотија на срцето и со многу солзи, не за да ве ожалостам, туку за да ја познаете големата љубов што ја имам особено спрема вас.
5 Ако некој ме ожалостил, не ме ожалостил мене, туку, во извесна смисла, да не претерувам, сите вас.
6 На таквиот му е доста казната од мнозинството,
7 така што наспроти тоа, вие треба побргу да му простите и да го утешите, за да не го обземе преголема жалост.
8 Затоа, ве молам, повторно да покажете љубов спрема него.
9 Токму затоа и ви напишав, за да ве испитам дали сте послушни во сè.
10 А кому вие ќе му простите нешто, нему му проштавам и јас. Зашто, она што сум го простил, доколку сум простил, сум го простил заради вас пред Христос;
11 за да не нè искористи сатаната; бидејќи не ни се непознати неговите намери.
12 Кога дојдов во Троја заради Христовото Евангелие, и кога врата ми се отвори во Господ,
13 немав мир во својот дух, зашто не го најдов братот Тит, и затоа, откако се простив од нив, отидов во Македонија.
14 Но, фала Му на Бога, Кој секогаш нè води во Неговата победа во Христос, и на секое место, преку нас, го шири благиот мирис на Неговото познавање,
15 зашто, ние сме Христов благ мирис пред Бог меѓу оние кои се спасуваат, и меѓу оние кои загинуваат;
16 на едните смртен мирис за смрт, а на другите животен мирис за живот. А кој е подобен за сето ова?
17 Зашто, ние не го изопачуваме Божјото слово, како што мнозина го прават тоа, туку зборуваме искрено како од Бог, зборуваме во Христос пред Бог.