2 Летописи. Chapter 31

1 Откако заврши сето тоа, сите Израилци што се најдоа таму, отидоа по јудејските градови, та ги испокршија идолите, ги исекоа посветените дрвја, ги разрушија оброчиштата и жртвениците докрај по целата Јудеја и во земјата Венијаминова, Ефремова и Манасиева. Потоа се вратија сите синови Израилви, секој во владението свое, во градовите свои.
2 И нареди Езекија свештенички и левитски смени, според распределбата нивна, секој при својата работа, свештеничка и левитска, при сепаленица и при мирни жртви, за служба, за фалење и славословие, при вратата на домот Господов.
3 И определи царот дел од имотот свој за сепаленици; за утрни и вечерни сепаленици, за сепаленици во саботите според новомесечијата и празниците, како што е запишано во законот Господов.
4 Му заповеда уште на народот во Ерусалим, да им дава одредена издршка на свештениците и левитите, за да бидат ревносни во законот Господов.
5 Кога се разгласи таа заповед, синовите Израилеви издонесоа многу големи количества: жито, вино, дрвено масло, мед и секакви полски производи; донесоа уште десеток од се во изобилство.
6 Израилците и Јудејците што живееја по јудејските градови, исто така донесоа десеток од крупниот и ситниот добиток и десеток од жртвите, посветени на нивниот Господ Бог; и натрупаа купишта и купишта.
7 Почнаа во третиот месец да натрупуваат купишта, и завршија во седмиот месец.
8 И дојдоа Езекија и велможите и видоа купишта, Го благословија Господа и народот Негов Израила.
9 Тогаш ги праша Езекија свештениците и левитите за тие купишта.
10 Му одговори Азарија, првосвештеник од домот Садоков, и рече: 'Откако почнаа да носат приноси во домот Господов, јадевме до наситување и пак остана многу, зашто Господ го благослови народот Свој. Ова големо множество е остаток.
11 Тогаш Езекија заповеда да подготват соби при домот Господов. И тие подготвија.
12 И ги пренесоа таму приносите, десетоците и жртвите со голема точност. Настојник кај нив беше левитот Хоманиј, а братот негов Симеј го држеше второто место.
13 А Јеил, Озија, Наед, Асаил, Јеримот, Јозавад, Елиил, Самахија, Мат и Ванаја беа надзорници под управа на Хонанија и наеговиот брат Самеја - по наредбата на царот Езекија и Азарија, началникот при Божјиот дом.
14 Кореј, синот на Јемнин, левит, вратар на источната страна, беше при доброволните приноси на Бога, за да го разделува принесеното на Господа и најважните осветени предмети.
15 Под негова управа беа: Одом, Венијамин, Исус, Семеја, Амарија и Сехонија во свештеничките градови, за да раздаваат делови на браката свои точно, како на големите, така и на малите.
16 надвор од списокот нивни, на сите од машки пол од три години и нагоре, на сите, што одат во домот Господов за секојдневните работи, - за службата нивна, според должностите нивни и според редовите нивни;
17 на запишаните свештеници во списокот, според поколенијата нивни, на левитите од дваесет години и нагоре, според должностите нивни според редовите нивни,
18 на запишаните во списокот со сите нивни малолетни, со жените нивни, синовите нивни и керките нивни, - на сето општество, бидејки тие со целосна верност и се посветија на свештената служба.
19 А за синовите Аронови, свештеници во селата околу градовите нивни, во секој град беа поставни мажи определени да ги раздаваат деловите на сите од машки пол при свештениците и на сите, запишани во списокот при левитите.
20 Еве што направи Езекија по цела Јудеја; тој го правеше, она што е добро и право и вистинито пред Господа, својот Бог.
21 И во се она, што го преземаше за да му служи на Божјиот дом и да го запази законот и заповедите, мислејки на својот Бог, тој се трудеше од се срце, и имаше успех.