Јаков. Chapter 10

1 Браќа, желбата на моето срце и мојата молитва кон Бог за нив е да бидат спасени.
2 Зашто сведочам за нив дека имаат ревност за Бог, но не според сознанието.
3 Имено, не знаејќи ја Божјата праведност и сакајќи да ја воспостават својата сопствена, не и се покорија на Божјата праведност.
4 Зашто Христос е завршокот на законот за праведноста на секој што верува.
5 Зашто, Мојсеј пишува: 'човекот кој врши праведност втемелена врз закон, ќе живее од неа.'
6 А праведноста, која е од вера, зборува вака: 'Да не речеш во своето срце: 'Кој ќе се искачи на небото?' што значи, да Го симне Христос;
7 или: 'Кој ќе слезе во бездната?' што значи, да Го крене Христос од мртвите!'
8 Но што зборува таа: 'Словото е близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце,' што значи, словото на верата која ние ја проповедаме.
9 Зашто, ако со твојата уста исповедаш дека Исус е Господ и ако во твоето срце поверуваш дека Бог Го воскреснал од мртвите, ќе бидеш спасен.
10 Зашто со срцето се верува за праведност, а со устата се исповедува за спасение,
11 бидејќи Писмото вели: 'Секој кој верува во Него, нема да се засрами.'
12 И нема разлика меѓу Евреин и Грк, зашто еден ист е Господ на сите, богат за сите кои Го повикуваат,
13 зашто: 'Секој, кој ќе го повика Господовото име, ќе биде спасен.'
14 Но, како ќе Го повикаат Оној во Кого не поверувале? А како ќе поверуваат во Оној за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник?
15 И како ќе навестуваат, ако не се испратени, како што е напишано: 'Колку се прекрасни нозете на оние што носат радосни вести за добри нешта!'
16 Но сите не ја послушаа Радосната Bест, зашто Исаија вели: 'Господи, кој и поверува на нашата вест?'
17 И така, верата доаѓа од слушање, и тоа од слушање на Христовото слово,
18 па велам: Зар не чуле? Секако: 'Гласот им одекна по целата земја, а нивните зборови до крајот на светот.'
19 И си велам: Зар Израел не разбра? Мојсеј прв вели: 'Ќе предизвикам љубомора кај вас спрема оние што не се народ и ќе ве разгневам со народ кој е неразумен.'
20 А Исаија пак се осмелува да рече: 'Ме најдоа оние кои не Ме бараа, и им се јавив на оние кои не прашуваа за Мене.'
21 А за Израел зборува: 'Цел ден ги протегав Своите раце кон народ непокорен и инаетлив.'