Колосјани. Chapter 6
1 Затоа да го оставиме почетното учење за Христос а да се стремиме кон зрелост и да не поставуваме повторно основа за покајание од мртви дела и за вера во Бог,
2 за учењето за крштавањата, за полагањето на раце, за воскресението на мртвите и за вечниот суд.
3 И тоа ќе го сториме ако дозволи Бог.
4 Зашто за оние кои еднаш биле просветлени, кои го вкусиле небесниот дар, станале соучесници на Светиот Дух
5 и кои ги вкусиле доброто Божјо слово и силите на идниот век,
6 а сепак отпаднале, невозможно е повторно да бидат обновени за покајание, зашто тие повторно за себеси Го распнуваат Божјиот Син и Го изложуваат на јавен срам.
7 Зашто земјата која го впива дождот што често паѓа на неа, и која им раѓа полезни растенија на оние за кои и се обработува, добива благослов од Бог;
8 но ако дава трње и боцки, не чини и е близу да биде проколната; нејзиниот крај завршува во огнот.
9 Иако зборуваме вака, мили мои, уверени сме во подобри нешта за вас - такви кои го придружуваат спасението.
10 Зашто Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте спрема Неговото име, откако им послуживте и сè уште им служите на светиите.
11 Но ние сакаме секој од вас да ја покаже истата ревност, за да има целосна сигурност на надеж до крајот,
12 и да не бидете мрзливи, туку да се угледате на оние кои преку вера и трпение ги наследуваат ветувањата.
13 Навистина, кога Бог му даде ветување на Авраам, немајќи никој поголем за да се заколне во него, се заколна во Самиот Себе,
14 велејќи: 'Навистина ќе те благословам и ќе те преумножам.'
15 И така, чекајќи трпеливо го доби ветеното.
16 Луѓето, всушност, се колнат во она што е поголемо од нив, и кога ќе се заколнат, завршува секаква натамошна расправија меѓу нив.
17 Така и Бог, сакајќи на наследниците на ветувањето посебно да им ја покаже непроменливоста на Својата цел, се послужи со заклетва,
18 така што преку тие две непроменливи работи, со кои не е можно Бог да лаже, нека имаме цврст поттик да ја досегнеме надежта што е поставена пред нас.
19 Неа ја имаме како сигурна и цврста котва на душата, која навлегува и зад завесата,
20 каде што Исус влезе за нас како претходник, откако стана вечен Bрховен свештеник според редот Мелхиседеков.