1 Петрово . Chapter 3

1 Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на деца во Христос.
2 Со млеко ве напоив, а не со тврда храна, зашто уште не сте способни да ја примите. А ни сега не сте способни,
3 зашто сè уште сте телесни. Не сте ли телесни и не живеете ли како обичните луѓе, штом меѓу вас има завист и препирки?
4 Не сте ли телесни кога еден зборува: 'Јас сум Павлов', а друг: 'Јас сум Аполосов?'
5 Па што е Аполос? Што е Павле? Служители преку кои вие поверувавте и тоа според она, колку кому Господ му дал.
6 Јас посадив, Аполос навади, но Бог направи да расте.
7 Затоа, ниту оној кој сади е нешто, ниту оној кој полева, туку Бог Кој прави да расте.
8 А оној кој сади и оној кој полева, едно се, но секој ќе ја прими својата награда според својот труд.
9 Ние сме Божји соработници, а вие сте Божја нива, Божја градба.
10 Според Божјата благодат, која ми беше дадена, јас, како мудар ѕидар, поставив основа, а друг гради врз неа. Но секој да внимава како гради врз неа.
11 Зашто, никој не може да постави друга основа, освен онаа што е поставена, која е Исус Христос.
12 Ако некој врз оваа основа ѕида со злато, сребро, скапоцени камења, дрво, сено, слама,
13 сечие дело ќе излезе на видело; денот ќе го покаже, зашто ќе се открие преку оган; а огнот ќе ја испита вредноста на сечие дело.
14 Оној, кому ќе му остане тоа што го градел, ќе прими награда;
15 а оној чие дело ќе изгори, тој ќе претрпи загуба, а самиот ќе се спаси, но така како низ оган.
16 Не знаете ли дека сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас?
17 Ако некој го урива Божјиот храм, Бог ќе го урне него, зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие.
18 Никој нека не се мами. Ако некој меѓу вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да може да стане мудар,
19 зашто мудроста на овој свет е безумство пред Бог! Зашто напишано е: 'Тој ги разоткрива мудрите во нивното лукавство.'
20 И пак: 'Господ ги знае мислите на мудрите, знае дека се суетни.'
21 Затоа никој да не се фали со луѓе! Зашто сè е ваше,
22 било да е Павле, или Аполос, или Кифа, или светот, или животот, или смртта, или сегашноста, или иднината, сè ви припаѓа вам,
23 а вие Му припаѓате на Христос, а Христос на Бог.