1 Тимотеј. Chapter 3
1 Мили мои, ова е веќе второ писмо што ви го пишувам, и го будам, преку напомнување, вашиот чист разум,
2 за да си ги спомните зборовите што однапред ги кажаа светите пророци, и за заповедта на Господ и Спасителот, која ви ја предадоа вашите апостоли.
3 Знајте го пред сè ова: во последните дни ќе се јават подбивачи, кои со своето подбивање ќе одат по сопствените похоти и ќе велат:
4 'Каде е ветувањето за Неговото доаѓање? Зашто откако починаа татковците сè стои така како што е од почетокот на создавањето.'
5 Кога така сметаат, забораваат дека преку Божјото слово небесата одамна постојат, и дека земјата беше создадена од водата и преку водата,
6 преку која тогашниот свет беше потопен со вода, и така беше уништен.
7 А сегашните небеса и земјата, со истото слово се запазени и се чуваат за оган до денот на судот и погибелта на безбожните луѓе.
8 Но едно не смее да ви биде непознато, мили мои: дека за Господ еден ден е како илјада години, и илјада години се како еден ден.
9 Господ не го забавува ветувањето, како што некои мислат за тоа бавење, туку е трпелив спрема вас, зашто не сака некој да загине, туку сите да дојдат до покајание.
10 А Господовиот ден ќе дојде како крадец. Bо тој ден небесата ќе поминат со голема бучава, а состојките ќе бидат уништени и земјата ќе изгори со сите нејзини дела.
11 Бидејќи сето ова ќе се уништи така, какви треба да бидете во светото поведение и побожноста
12 вие кои го очекувате и забрзувате доаѓањето на Божјиот ден, кога запалените небеса ќе се распаднат, состојките ќе се стопат со огромна жештина?
13 А ние, според Неговото ветување, очекуваме нови небеса и нова земја, каде суштествува праведноста.
14 Затоа, мили мои, бидејќи го очекувате ова, погрижете се Тој да ве најде во мир, неопоганети и непорочни.
15 А долгата трпеливост на нашиот Господ сметајте ја како спасение, како што и нашиот сакан брат Павле ви напиша, според дадената му мудрост;
16 како што и во сите негови посланија зборува за ова; во нив има некои тешко разбирливи нешта, кои неуките и незацврстените ги изопачуваат, како, впрочем, и другите Писма, за своја погибел.
17 И така, вие, мили мои, кога го знаете ова однапред, пазете се да не ве повлече со себе заблудата на беззакониците и да не отпаднете од својата непоколебливост,
18 туку растете во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Слава Му сега и до денот на вечноста!