1 Коринтјани. Chapter 3

1 Најпосле, браќа, молете се за нас, та Господовото слово брзо да напредува и да се прославува како и кај вас,
2 а да бидеме избавени од лоши и зли луѓе, зашто сите немаат вера.
3 Но верен е Господ Кој ќе ве утврди и ќе ве запази од злиот.
4 Уверени сме во Господ, за вас, дека го вршите и дека ќе го вршите она што ви го заповедаме.
5 А Господ да ги насочи вашите срца кон Божјата љубов и кон Христовото трпение!
6 А вам ви наложуваме, браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој води неуреден живот, а не по преданието што го примивте од нас.
7 Навистина, сами знаете како треба да нè имате за пример, зашто ние не се однесуваме неуредно меѓу вас,
8 ниту јадевме дарум нечиј леб, туку работевме во труд и напор, ноќе и дење, за да не му бидеме на товар некому од вас.
9 Не затоа што немавме право на тоа, туку за ние самите да бидеме пример што ќе го следите.
10 Зашто и кога бевме со вас, ви го заповедавме ова: ако некој не сака да работи, нека и не јаде!
11 Имено, слушаме дека некои меѓу вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи.
12 На таквите им заповедаме и ги молиме во Господ Исус Христос: да работат со смиреност и да си го јадат својот сопствен леб.
13 А вие, браќа, да не се уморувате правејќи добро!
14 Ако пак некој не го послуша нашиот совет преку писмово, обележете го и не мешајте се со него, за да се засрами.
15 Но не сметајте го за непријател, туку предупредувајте го како брат.
16 А Самиот Господ на мирот секогаш да ви дава мир во секакви околности. Господ да биде со сите вас!
17 Јас, Павле, своерачно ве поздравувам; тоа е белег во секое писмо, јас така пишувам.
18 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со сите вас.