1 Солунјани. Chapter 4
1 Од каде се војните и од каде се караниците меѓу вас? Не доаѓаат ли од вашите похоти што војуваат во вашите органи?
2 Посакувате а немате, та затоа убивате. Завидливи сте и не можете да добиете; затоа се борите и војувате. Немате затоа што не барате.
3 Барате, но не добивате, зашто барате со лоши цели, за да го трошите на вашите похоти.
4 Прељубници, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство спрема Бог? И така, кој сака да му биде пријател на светот, Му станува непријател на Бог.
5 Или, мислите ли дека Писмото напразно вели: 'до ревност копнее за духот кој Го всели во нас?'
6 Но Тој дава поголема благодат. Затоа вели: 'Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.'
7 Затоа покорете Му се на Бог, а противставете му се на ѓаволот и тој ќе побегне од вас.
8 Приближете се кон Бог, и Тој ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, вие грешници, и очистете ги срцата, вие луѓето што се двоумите!
9 Бидете нажалени, тагувајте и плачете; вашата смеа нека се претвори во тага, а радоста во жалост!
10 Понизете се пред Господ, и Тој ќе ве возвиши!
11 Не зборувајте еден против друг, браќа; оној кој зборува против својот брат или го суди својот брат, зборува против законот и го суди законот. А ако го судиш законот, не си извршител на законот, туку негов судија.
12 Има само еден Законодавец и Судија, Оној Кој може да спаси и да погуби. А кој си ти што го осудуваш ближниот?
13 Чујте сега вие, кои велите: 'Денес или утре ќе отидеме во тој и тој град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме',
14 вие, кои не знаете што ќе биде утре. Bие сте пареа која се јавува за кратко и потоа исчезнува.
15 Наместо да велите: 'Ако Господ даде, ќе живееме и ќе направиме ова или она',
16 вие се фалите со својата горделивост. Секоја таква фалба е зла.
17 И така, кој знае да прави добро, а не го прави, чини грев.