Откровение. Chapter 10
1 И видов друг силен ангел како слегува од небото, наметнат со облак, кој имаше божилак на главата. Лицето му беше како сонце, а нозете како огнени столбови,
2 во својата рака држеше мал свиток кој беше отворен. И ја постави својата десна нога на морето, а левата на копното,
3 па извика со силен глас, како лав што рика. А кога извика, седум громови зататнеа со своите гласови.
4 Токму кога седумте громови зататнеа, сакав да пишувам; тогаш чув глас од небото, кој велеше: 'Запечати го тоа што го рекоа седумте громови, и не пишувај го!'
5 А ангелот, кого го видов како стои на морето и на копното, ја крена својата десница кон небото
6 и се заколна во Оној Кој живее во вечни векови, Кој го создаде небото и она што е во него, земјата и она што е на неа, и морето со она што е во него, дека не ќе има веќе одлагање;
7 туку во деновите на гласот на седмиот ангел, кога тој ќе затруби, ќе се исполни Божјата тајна, како што Тој им проповедаше на своите слуги, пророците.
8 Гласот што го чув од небото, пак ми проговори и рече: 'Оди, земи го свитокот што е отворен во раката на ангелот кој стои на морето и на копното!'
9 Јас отидов кај ангелот и му реков да ми го даде малиот свиток. А тој ми рече: 'Земи го и изеди го! Bо стомакот ќе ти горчи, но во устата ќе ти биде благ како мед.'
10 И го зедов малиот свиток од раката на ангелот и го изедов: во устата ми беше сладок како мед, но кога го изедов, во стомакот ми стана горчливо.'
11 И ми беше речено: 'Треба повторно да пророкуваш пред многу народи, племиња, јазици и цареви.'