Откровение. Chapter 16
1 Потоа чув силен глас од храмот како им зборува на седумте ангели: 'Одете и излејте ги седумте садови на Божјиот гнев врз земјата!'
2 Првиот отиде и го излеа својот сад врз земјата и се појави лоша и лута рана на луѓето кои го имаа белегот на ѕверот и кои му се поклонуваа на неговата икона.
3 А вториот го излеа својот сад во морето и тоа стана како крв од мртовец и умре секое живо суштество во морето.
4 Третиот го излеа својот сад во реките и во водните извори, и тие станаа крв.
5 И го чув ангелот на водите како вели: 'Праведен си, Светецу, Кој си и Кој беше, затоа што им пресуди така;
6 зашто тие ја пролеаја крвта на светиите и на пророците, а ти крв им даде да пијат; тоа и го заслужуваат!'
7 И чув како жртвеникот вели: 'Да, Семоќен Господи Боже, Твоите пресуди се вистинити и праведни!'
8 Четвртиот ја излеа својата чаша врз сонцето, и му беше дадено да ги пече луѓето со оган.
9 И луѓето, горејќи од големата жега, похулија на името на Бог, Кој има власт над овие зла, и не се покајаа да Му оддадат слава.
10 А петтиот го излеа својот сад врз престолот на ѕверот и царството му се помрачи, та си ги гризеа своите јазици од болка.
11 И похулија на небесниот Бог заради своите болки и рани, и не се покајаа за своите дела.
12 Шестиот го излеа својот сад врз големата река Еуфрат: нејзината вода пресуши за да им се приготви патот на царевите од исток.
13 И видов како од устата на змевот, од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегуваат три нечисти духа како жаби;
14 имено, тоа се демонски духови, кои прават чуда и одат кај царевите на целиот свет за да ги соберат за војна во великиот ден на Семоќниот Бог.
15 (Ете, доаѓам како крадец. Блажен е оној кој бдее и ги пази своите облеки за да не оди гол и да не се гледа неговиот срам.)
16 И ги собраа на местото на хебрејски наречено Армагедон.
17 А седмиот ангел го излеа својот сад во воздухот, и излезе силен глас од храмот, од престолот, велејќи: 'Се збидна!'
18 И настапија молскавици, татнежи, громови, и настана голем земјотрес, каков што никогаш не бил откако се луѓето на земјата; таков голем и толку силен земјотрес.
19 Големиот град се раздели на три дела, а градовите на народите паднаа. Големиот Bавилон беше спомнат пред Бог, за да му биде дадена чашата со виното на Неговиот јаросен гнев.
20 И сите острови исчезнаа, и горите веќе не се најдоа.
21 А голем град, тежок околу еден талант, падна од небото врз луѓето, а луѓето Го хулеа Бога заради пакоста од градот, зашто неговото зло беше многу големо.