Откровение. Chapter 14

1 Погледнав и, ете, видов како Јагнето стои на гората Сион, а со него сто четириесет и четири илјади, кои на своите чела го имаа напишано Неговото име и името на Неговиот Татко.
2 И чув глас од небото, како шум на многу води и како татнеж од силен гром, а звукот што го чув беше како од харфисти кои свират на своите харфи.
3 Тие пееја нова песна пред престолот, пред четирите живи суштества и пред старешините, и никој не можеше да ја научи песната, освен оние сто четириесет и четирите илјади кои беа откупени од земјата.
4 Тоа се оние кои не се осквернија со жени; имено, тоа се девственици. Тие одат по Јагнето, каде и да оди. Тие се откупени меѓу луѓето, како првина на Бог и на Јагнето,
5 и лага не се најде во нивната уста; тие се непорочни.
6 Bидов и друг ангел како лета сред небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им го проповеда на жителите на земјата, на секој народ, племе, јазик и род.
7 Тој изговори со силен глас: 'Бојте се од Бог и подајте Му слава, зашто дојде часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создаде небото и земјата, морето и водните извори.
8 Дојде и втор ангел по него, велејќи: 'Падна, падна големиот Bавилон, кој ги напои сите народи со страсното вино на своето блудство.'
9 И трет ангел дојде по него, велејќи со силен глас: 'Ако некој му се поклони на ѕверот и на неговата икона, и прими белег на своето чело или на својата рака,
10 и самиот ќе пие од виното на Божјиот гнев, што е неразредено во чашата на Неговата јарост, и ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Јагнето.
11 А димот од нивното мачење ќе се издига во вечни векови; и оние кои му се поклонуваат на ѕверот и на неговата икона, и оној кој го прима белегот на неговото име не ќе имаат спокојство ни дење ни ноќе.'
12 Bо тоа е трпението на светиите, кои ги пазат Божјите заповеди и верата во Исуса.
13 Потоа чув глас од небото, што ми велеше: 'Напиши: Блажени се мртвите кои отсега умираат во Господ! 'Да, - вели Духот -, за да починат од своите трудови, зашто нивните дела одат по нив.'
14 Потоа погледнав и видов бел облак, а на облакот седеше Еден, сличен на Синот Човеков, со златна круна на главата и со остар срп во раката.
15 И еден друг ангел излезе од храмот и му викна со силен глас на Оној Кој седеше на облакот: 'Испрати го својот срп и жнеј, зашто дојде твојот час за жнеење и зашто зрела е жетвата на земјата.'
16 А оној кој седеше на облакот, замавна со српот на земјата, и земјата беше пожнеана.
17 Излезе и друг ангел од храмот што е на небото, и имаше остар срп.
18 И трет ангел, кој имаше власт над огнот, дојде од кај жртвеникот, и извика со силен глас кон оној кој имаше остар срп: 'Испрати го својот остар срп и обери ги гроздовите од земното лозје, зашто грозјето е веќе зрело.'
19 И ангелот замавна со својот срп на земјата, и го обра земното лозје, па обраното го фрли во големото гмечало на Божјиот гнев.
20 Гмечењето се изврши надвор од градот, а од гмечалото потече крв до уздите на коњите, во должина од илјади и шестотини стадии.