Откровение. Chapter 5

1 И видов свиток во десницата на Оној Кој седеше на престолот испишан однатре и однадвор и запечатен со седум печати.
2 И видов моќен ангел како објавува со силен глас: 'Кој е достоен да го отвори свитокот и да ги скрши неговите печати?'
3 И никој, ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, не можеше да го отвори свитокот, ниту да погледне во него.
4 А јас почнав да плачам многу, зашто не се најде никој достоен да го отвори и да го прочита свитокот, ниту да погледне во него.
5 Тогаш еден од старешините ми рече: 'Не плачи, ете, надвладеа Лавот од јудиното племе, давидовиот корен, па може да го отвори свитокот и неговите седум печати.
6 И ете, видов, меѓу престолот (со четирите живи суштества) и старешините, Јагне што беше како заклано, со седум рогови и седум очи; тоа се седумте Божји Духови, пратени по целата земја.
7 И дојде и го зеде свитокот од десницата на Оној Кој седеше на престолот.
8 И кога го зеде свитокот, четирите живи суштества и дваесет и четирите старешини паднаа пред Јагнето, а секој од нив имаше харфа и златни садови, полни со темјан, имено молитвите на светиите.
9 И пееја нова песна, велејќи: 'Достоен си да го земеш свитокот и да ги отвориш неговите печати, зашто беше заклан и зашто со Својата крв ги откупи за Бога, од секое племе и јазик, род и народ,
10 и ги направи да бидат царство и свештеници на нашиот Бог, и тие ќе владеат на земјата.'
11 И видов и чув глас од многу ангели околу престолот, и од живите суштества и старешините, чиј број беше десетици илјади по десетици илјади и илјадници илјади,
12 кои зборуваа со силен глас: 'Достојно е Јагнето Кое беше заклано, да прими моќ, богатство, мудрост, сила, чест, слава и благослов.'
13 И го чув секое создание кое е на небото, на земјата, под земјата, во морето и сè што е во нив, како зборува: 'На Оној Кој седи на престолот и на Јагнето, благослов, чест, слава и власт за вечни векови!'
14 Четирите живи суштества рекоа: 'Амин!', а дваесет и четирите старешини паднаа ничкум и се поклонија.