Откровение. Chapter 11

1 И ми беше дадена трска за мерење, слична на стап, при што ми беше речено: 'Стани и измери го Божјиот храм, жртвеникот и оние што Му се поклонуваат на Бог.
2 А надворешниот двор на храмот остави го и не мери го, зашто им е даден на народите, и тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеца.
3 И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, облечени во струнени вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дни.
4 Тие се двете маслинови дрвја и двата светилника кои стојат пред Господарот на земјата.
5 Ако некој сака да им напакости, оган ќе излезе од нивната уста и ќе ги проголта нивните непријатели. И ако некој сака да им напакости, ќе мора така да биде убиен.
6 Тие имаат власт да го затворат небото за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и имаат власт над водите да ги претвораат во крв и да ја удрат земјата со секаква невола, онолкупати колку што ќе посакаат.
7 И кога ќе го завршат своето сведоштво, ѕверот кој ќе излезе од бездната, ќе завојува против нив, ќе ги победи и ќе ги убие.
8 Нивните мртви тела ќе лежат на улицата на големиот град кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат.
9 А луѓе од сите народи, племиња, јазици и родови ќе ги гледаат нивните трупови три и пол дена и не ќе дозволат мртвите тела да бидат положени в гроб.
10 Притоа жителите на земјата ќе се радуваат и ќе се веселат поради нивната смрт, и ќе си праќаат дарови еден на друг, зашто тие двајца пророци ги измачуваа жителите на земјата.
11 И по три и пол дена, во нив влезе животворен дух од Бога, па застанаа на своите нозе, а голем страв ги обзеде оние што ги гледаа.
12 И се чу силен глас од небото, кој им велеше: 'Дојдете ваму горе!' И отидоа горе на небо, во облак, а нивните непријатели ги гледаа.
13 Bо тој час настана голем земјотрес, па падна една десеттина од градот; и од земјотресот загинаа седум илјади луѓе, а другите се уплашија и Му оддадоа слава на небесниот Бог.
14 Bторото зло помина, и ете, третото зло брзо доаѓа.
15 Затруби и седмиот ангел и одекнаа силни гласови на небото, велејќи: 'Царството на овој свет Му припадна на нашиот Господ и на Неговиот Христос, а Тој ќе царува во вечни векови.'
16 А дваесет и четирите старешини кои седеа на своите престоли пред Бог, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог,
17 велејќи: 'Ти благодариме Сèмоќен Господи Боже, Кој си и Кој беше, зашто ја зеде Својата голема сила и почна да владееш.
18 Народите се разгневија, но дојде Твојот гнев и дојде време да им биде судено на мртвите, и да им се даде награда на Твоите слуги, на пророците, на светиите и на оние што се бојат од Твоето име, мали и големи, и да ги уништиш оние што ја уништуваа земјата.'
19 Притоа се отвори Божјиот храм на небото и се покажа ковчегот на Неговиот завет во Неговиот храм, и се јавија молскавици, гласови, грмежи, земјотрес и голем град.