Матеј. Chapter 2
1 А кога Исус се роди во Bитлеем, во Јудеја, во деновите на царот Ирод, ете, мудреци од исток пристигнаа во Ерусалим,
2 и рекоа: 'Каде е Тој кој се родил како Цар на Евреите? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да Му се поклониме.'
3 Кога го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него.
4 И ги собра сите првосвештеници и закониците од народот, па ги распрашуваше каде треба да се роди Христос.
5 А тие му рекоа: 'Bо Bитлеем, во Јудеја, зашто така е напишано од пророкот:
6 'И ти, Bитлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу првенците Јудини, зашто од тебе ќе излезе Bладетел, Кој ќе го води Мојот народ Израел.''
7 Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го дозна од нив времето кога се појавила ѕвездата,
8 и испраќајќи ги во Bитлеем им рече: 'Отидете и распрашајте се точно за Детето, а кога ќе Го најдете, јавете ми за да дојдам и јас да Му се поклонам.'
9 Откако го ислушаа царот, тие тргнаа, и ете, ѕвездата што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде што се наоѓаше Детето.
10 И кога ја видоа ѕвездата, многу се зарадуваа.
11 Кога влегоа во куќата, го видоа Детето со мајка Му Марија, паднаа ничкум и Му оддадоа чест; ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна.
12 И откако насон беа предупредени од Бог, да не се враќаат кај Ирод, по друг пат заминаа кон својата земја.
13 А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосиф насон и му рече: 'Стани, земи Го Детето и мајка Му, бегај во Египет, и остани таму додека не ти јавам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.'
14 И тој стана, ги зеде ноќе Детето и мајка Му, и замина за Египет.
15 Таму беше сè до Иродовата смрт, за да се исполни реченото од Господ преку пророкот кој вели: 'Од Египет Го повикав Својот Син.'
16 Тогаш Ирод, кога виде дека е измамен од мудреците, се разгневи многу, па нареди и ги закла, во Bитлеем и во целата негова околина, сите машки деца од две години и помали, според времето што точно го дозна од мудреците.
17 Така се исполни реченото од пророкот Јеремија кој рече:
18 'Пискотници се слушаат во Рама, лелек и голема тага; Рахела ги оплакува своите деца, и не сака да се утеши, зашто ги нема веќе.'
19 А кога умре Ирод, ете, Господов ангел му се јави на Јосиф насон, во Египет,
20 и му рече: 'Стани, земи Го Детето и мајка Му и оди во земјата израелска, зашто умреа оние кои ја бараа душата на Детето.'
21 И тој стана, го зеде Детето и мајка Му, и дојде во земјата израелска.
22 Но кога чу дека во Јудеја царува Архелај, наместо татко му Ирод, се уплаши да отиде таму; та предупреден насон, замина во галилејските предели;
23 и откако дојде, се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни реченото од пророците: 'Ќе се вика Назареќанец'.