Матеј. Chapter 22
1 Исус почна пак да им зборува во споредби и им рече, велејќи:
2 'Небесното царство прилега на цар, кој беше подготвил свадбена гозба за сина си,
3 па ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на гоштавка, но тие не сакаа да дојдат.
4 Повторно прати други слуги, велејќи им: 'Кажете им на поканетите: Еве, гозбата е готова, моите јунци и згоениот добиток се заклани, и сè е готово. Повелете на свадба!'
5 А тие не им обрнаа внимание и се разотидоа: кој на својот имот, кој по своја трговија;
6 а едни ги фатија неговите слуги, им се наругаа и ги убија.
7 Царот, пак, се разгневи, ја испрати својата војска и ги погуби убијците и им го запали градот.
8 Тогаш им рече на останатите слуги: 'Гозбата е готова! - ама поканетите не беа достојни.
9 Затоа излезете по раскрсниците и сите што ќе ги најдете, поканете ги на гоштавка.'
10 Слугите излегоа по патиштата и ги доведоа сите што ги најдоа, и лошите и добрите, и свадбената сала се наполни со гости.
11 А кога царот влезе да ги види гостите, виде таму еден човек кој не беше облечен во свадбено руво.
12 И му рече: 'Пријателе, како влезе тука без свадбена облека?' А тој занеме.
13 Тогаш царот им заповеда на служителите: 'Bрзете му ги нозете и рацете, и фрлете го во крајната темнина. Таму ќе има лелек и чкртање со заби!'
14 Bсушност, мнозина се поканети, но малкумина се избрани!'
15 Тогаш фарисеите заминаа и се договорија како да Го фатат за збор.
16 И Му ги испратија своите ученици, заедно со Иродовците, за да Му речат: 'Учителе, знаеме дека си вистинит и дека во вистина ги поучуваш луѓето за Божјиот пат, и не те засега никој, зашто не си пристрастен.
17 Па, кажи ни, што мислиш Ти! Дали е според законот да му се дава данок на цезарот или не?'
18 А Исус го разбра нивното лукавство и рече: 'Зошто Ме искушувате, лицемери?
19 Покажете ми пара со која го плаќате данокот!' Тие Му донесоа денариј.
20 И им рече: 'Чиј е овој лик и натписот?'
21 Тие Му рекоа: 'На цезарот!' Тогаш Тој им рече: 'Дајте му го цезаровото на цезарот, а Божјото на Бог!'
22 И штом го чуја тоа, се восхитија, па Го оставија, и си отидоа.
23 Тој ден кај Него дојдоа садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа:
24 'Учителе, Мојсеј рече: 'Ако некој умре без деца, неговиот брат нека ја земе жена му и нека му подигне потомство на брата си.'
25 Кај нас имаше седуммина браќа: првиот се ожени и умре, а бидејќи немаше потомство, му ја остави својата жена на брата си.
26 Така направи и вториот и третиот, сè до седмиот,
27 А по сите нив, умре и жената.
28 Па така, при воскресението, кому од седумтемина таа ќе му биде жена? Зашто сите ја имаа!'
29 А Исус им одговори и им рече: 'Грешите, и не ги разбирате Писмата, ниту Божјата сила.
30 Зашто по воскресението ниту ќе се женат ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангелите на небото.
31 А за воскресението на мртвите, не сте читале ли за она што ви кажа Бог, Кој вели:
32 'Јас Сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков'? А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!'
33 И кога народот го чу тоа, му се восхитуваше на Неговото учење.
34 А кога фарисеите слушнаа дека им ја затвори устата на садукеите, се собраа заедно,
35 и еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го:
36 'Учителе, која е големата заповед во Законот?'
37 А Тој му рече: 'Љуби Го Господ твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сиот свој разум!'
38 Тоа е првата и големата заповед;
39 а втората е слична: 'Љуби го твојот ближен како себеси!'
40 На тие две заповеди се потпираат целиот Закон и пророците.'
41 А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша:
42 'Што мислите за Христос? Чиј Син е Тој?' Му рекоа: 'Давидов.'
43 А Тој им рече: 'Како тогаш Давид, преку Духот, Го нарекува Господ, велејќи:
44 'Му рече Господ на мојот Господ: - Седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои.'
45 И така, ако Давид Го нарекува 'Господ', како може Тој да му биде Син?'
46 И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту пак некој се осмели од тој ден веќе да Го праша нешто.