Матеј. Chapter 27
1 А кога се раздени, сите првосвештеници и народните старешини се советуваа против Исус, за да Го убијат.
2 Го врзаа, Го одведоа и му Го предадоа на управителот Пилат.
3 Тогаш Јуда, кој Го предаде, откако виде дека Го осудија, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и на старешините,
4 велејќи: 'Згрешив, зашто предадов невина крв.' А тие му рекоа: 'Што нè засега нас тоа? Твоја работа!'
5 Тогаш ги фрли сребрениците во Храмот, излезе и отиде, па се обеси.
6 А првосвештениците ги зедоа сребрениците и рекоа: 'Не чини да се остават во храмската благајна, зашто се цена за крв.'
7 Туку, откако се посоветуваа, ја купија со нив грнчаревата нива за гробишта за туѓинци.
8 Затоа таа нива до денес се вика Крвна Нива.
9 Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија, кој вели: 'И ги зедоа триесетте сребреници, цена за Непроценливиот Кого Го проценија израеловите синови,
10 и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми нареди Господ.'
11 Исус застана пред управителот, а управителот Го праша: 'Ти ли си царот на Евреите?' А Исус рече: 'Ти велиш'.
12 И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, не одговараше ништо.
13 Тогаш Пилат Му рече: 'Не слушаш ли колку работи изложија против Тебе?'
14 И не му одговори ниту на еден збор, та управителот се најде во чудо.
15 А на секој празник управителот имаше обичај да му пушти на народот еден затвореник, и тоа оној што ќе го побараше.
16 Имаше тогаш прочуен затвореник, кој се викаше Бараба.
17 И кога се собраа луѓето, Пилат им рече: 'Кого сакате да ви го пуштам? Бараба или Исус, наречен Христос?',
18 зашто знаеше дека Го предадоа од завист.
19 И додека седеше на судскиот стол, жена му јави до него да му кажат: 'Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес насон многу настрадав заради Него!'
20 Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го побара Бараба, а Исус да биде погубен.
21 Тогаш управителот во одговор рече: 'Кого од двајцата сакате да го пуштам?' А тие рекоа: Бараба!'
22 Пилат им рече: 'А што да сторам тогаш со Исус, наречен Христос?' Сите рекоа: 'Да биде распнат!'
23 А тој рече: 'Зошто, какво зло сторил?' А тие сè посилно викаа: 'Да биде распнат!'
24 А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и си ги изми рацете пред народот и рече: 'Невин сум за крвта на Овој Праведник! Мислете му вие!'
25 Целиот народ одговори, извикувајќи: 'Неговата крв нека биде на нас и на нашите деца!'
26 Тогаш им го пушти Бараба, а Исуса, откако Го камшикуваше, им Го предаде да Го распнат.
27 Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исус во преторијата и ја собраа целата чета околу Него.
28 Го соблекоа и Му наметнаа црвено наметало;
29 исплетоа трнов венец, Му го ставија на главата и трска во Неговата десница, па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: 'Биди поздравен, еврејски Цару!'
30 И плукаа по Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата.
31 Откако Го исмејаа, го симнаа од Него наметалото, па Го облекоа во Неговата облека та Го одведоа да Го распнат.
32 А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот.
33 А кога стигнаа на местото наречено Голгота, што значи место на череп,
34 Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие.
35 А откако Го распнаа, фрлајќи жрепка, ја разделија Неговата облека.
36 Потоа седнаа и Го чуваа.
37 И над главата Му ставија натпис за Неговата вина: 'ОBОЈ Е ИСУС, ЦАРОТ НА ЕBРЕИТЕ.'
38 Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а другиот одлево.
39 А минувачите Го хулеа, вртејќи со главите
40 и велејќи: 'Ти што го разурнуваш Храмот и што за три дни го изѕидуваш, спаси се Себеси. Ако си Божји Син, симни се од крстот!'
41 Исто зборуваа и првосвештениците, заедно со закониците и старешините, потсмевајќи Му се:
42 'Другите ги спаси, а Самиот Себеси не може да се спаси. Тој е Царот на Израел! Нека слезе сега од крстот та ќе Му поверуваме!
43 Тој се надеваше на Бог, нека Го избави сега, штом толку Го љуби, зашто рече: 'Божји Син Сум!''
44 Исто така Го навредуваа и разбојниците кои беа распнати со Него.
45 А од шестиот час се стемни над целата земја до деветтиот час.
46 Околу деветтиот час Исус извика со силен глас, велејќи: 'Ели! Ели! Лема Сабахтани! - што значи: 'Боже Мој, Боже Мој! Зошто Ме напушти?'
47 А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: 'Овој го вика Илија!'
48 И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет, го надена на трска, и Му даде да пие.
49 А другите велеа: 'Остави Го! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!'
50 А Исус повторно извика со силен глас и го предаде духот.
51 И ете, завесата во Храмот се расцепи надве, озгора додолу, земјата се стресе и карпите распукаа,
52 а гробовите се отворија и воскреснаа многу тела на упокоени светии;
53 и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во светиот град и на мнозина им се јавија.
54 А стотникот и оние кои со него Го чуваа Исус, откако го видоа земјотресот и сè што стана, многу се исплашија и рекоа: 'Навистина, Овој беше Божјиот Син!'
55 А таму се наоѓаа и оддалеку гледаа многу жени, кои Го следеа Исус од Галилеја и Му служеа.
56 Меѓу нив беа: Марија од Магдала и Марија, мајката на Јаков и Јосиф, и мајката на Зебедеевите синови.
57 А кога се стемни, дојде богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој и самиот беше Исусов ученик.
58 Тој отиде кај Пилат и го побара Исусовото тело. Тогаш Пилат заповеда да му биде дадено.
59 Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно
60 и го положи во својот нов гроб, што беше го издлабил во карпа. И врз влезот навали голем камен на гробот и си отиде.
61 А Марија од Магдала и другата Марија останаа да седат спроти гробот.
62 Следниот ден, по денот за подготовка, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилат
63 и му рекоа: 'Господару, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: 'Ќе воскреснам по три дни.'
64 Затоа, заповедај да биде чуван гробот до третиот ден, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат и да му кажат на народот: 'Bоскресна од мртвите', та последната измама да биде полоша од првата.'
65 Пилат им рече: 'Еве ви стража. Појдете и чувајте го како што знаете!'
66 Тие отидоа и го обезбедија гробот, го запечатија каменот и поставија стража.