Матеј. Chapter 21

1 И кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Бетфага, кај Маслиновата Гора, Исус испрати двајца ученици, велејќи им:
2 'Појдете во селото што е пред вас и таму ќе најдете врзана магарица и магаренце со неа. Одврзете ги и доведете Ми ги!
3 А ако некој ви рече нешто, кажете му: 'Потребни Му се на Господ', и веднаш ќе ги пушти.'
4 А тоа стана, за да се исполни кажаното преку пророкот кој вели:
5 'Кажете и на Сионската ќерка: 'Еве, твојот Цар доаѓа кај тебе, кроток, јавајќи на магаренце, младо од магарица!'
6 Учениците отидоа и сторија како што им заповеда Исус.
7 Ги дотераа магарицата и магаренцето, ги ставија врз нив своите наметки, и Тој седна над нив.
8 Мнозинството од народот ги постилаа своите облеки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот.
9 А врволицата, која одеше пред Него и по Него извикуваше, велејќи: 'Осана на Давидовиот Син! Благословен е Тој кој доаѓа во Господово име! Осана во висините!'
10 И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, говорејќи: 'Кој е Овој?'
11 А народот одговараше: 'Овој е Пророкот Исус, од Назарет во Галилеја.'
12 Тогаш Исус влезе во Храмот и ги истера сите што купуваа и продаваа во Храмот, па им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби,
13 и им рече: 'Напишано е: 'Мојот Дом ќе биде наречен Дом на молитва', а вие го направивте разбојничко дувло.'
14 И Му пристапија слепи и сакати, во Храмот, и Тој ги исцели.
15 А кога првосвештениците и закониците ги видоа чудата што ги направи, и децата кои викаа во Храмот: 'Осана на Давидовиот Син!', се налутија
16 и Му рекоа: 'Слушаш ли што зборуваат овие?' А Исус им рече: 'Да, зар не сте прочитале никогаш: 'Од устата на децата и доенчињата Си приготви пофалба?'',
17 па ги остави и замина од градот во Бетанија и таму преноќи.
18 Утредента кога се враќаше во градот огладне.
19 И кога виде смоква крај патот, отиде до неа, но не најде ништо на неа, освен лисјата, и и рече: 'Отсега да немаш плод довека!' И смоквата веднаш се исуши.
20 А кога учениците го видоа тоа, се зачудија и рекоа: 'Како се исуши смоквата веднаш?'
21 Исус одговори, велејќи: 'Bистина ви велам, ако имате вера и не се посомневате, ќе го правите не само тоа што и се случи на смоквата, туку ако и речете на оваа гора: 'Дигни се оттука и фрли се во морето!' ќе стане така,
22 и сè што ќе побарате во молитва, со вера, ќе добиете.'
23 Кога дојде Исус во Храмот, додека поучуваше Му пристапија првосвештениците и народните старешини, велејќи: 'Со каква власт го правиш тоа? И кој Ти ја даде таа власт?'
24 А Исус во одговор им рече: 'И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми кажете, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова.
25 Од каде беше Јовановото крштавање? Од небото или од луѓето?' А тие размислуваа во себе, велејќи: 'Ако речеме 'од небото', ќе ни рече: 'Зошто тогаш не му поверувавте?'
26 А ако речеме: 'од луѓето' се плашиме од народот, зашто сите го сметаат Јован за пророк.'
27 И во одговор Му рекоа: 'Не знаеме!' И Тој им рече: 'Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го вршам ова.'
28 'И, што мислите за ова? Еден човек имаше два сина, па отиде кај првиот и му рече: 'Синко, појди на лозје и работи денес таму!'
29 Тој одговори, велејќи: 'Ќе појдам господару', но не отиде.
30 Потоа дојде кај вториот и му го рече истото. А тој одговори и рече: 'Не одам!', но потоа се покаја и отиде.
31 Кој од двајцата ја исполни татковата волја?' Тие рекоа: 'Bториот!' Исус им рече: 'Bистина ви велам, даночниците и блудниците пред вас ќе влезат во Божјото царство.
32 Зашто, Јован дојде кај вас по патот на праведноста - и не му поверувавте, а даночниците и блудниците му поверуваа; вие видовте, но подоцна не се покајавте, за да му поверувате.'
33 'Чујте една друга споредба! Беше еден домаќин кој насади лозје, го загради со плот, и ископа во него гмечало за грозје; изгради кула, им го даде под наем на лозарите и си замина на пат.
34 А кога наближи времето за грозјебрање, ги прати своите слуги кај лозарите, за да го приберат родот.
35 А лозарите ги фатија неговите слуги и едниот го натепаа, другиот го убија, а третиот го каменуваа.
36 Тој пак испрати други слуги, повеќе од првите, но и со нив постапија исто.
37 Најпосле кај нив го испрати својот син, велејќи: 'Ќе се засрамат од мојот син!'
38 Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа меѓу себе: 'Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!'
39 И го фатија, го исфрлија од лозјето и го убија.
40 Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им стори на лозарите?'
41 Тие Му одговорија: 'Тие злосторници страшно ќе завршат, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари, кои ќе му ги даваат плодовите навреме.'
42 Исус им рече: 'Зар не сте прочитале никогаш во Писмата: 'Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана темелен камен. Од Господ е тоа, и чудесно е во нашите очи?'
43 Затоа ви велам дека ќе ви биде одземено Божјото царство и ќе му биде дадено на народ, кој ќе ги донесува плодовите на Царството!
44 И кој ќе падне врз тој камен - ќе се распарчи, а врз кого ќе падне тој - ќе го смачка. '
45 Кога првосвештениците и фарисеите ги чуја овие Негови споредби, сфатија дека зборува за нив,
46 и гледаа да Го фатат, но се плашеа од народот, зашто народот Го сметаше за пророк.