Матеј. Chapter 28

1 А по саботниот ден, на осамнување на првиот ден од седмицата, дојдоа Марија од Магдала и другата Марија да го видат гробот.
2 И ете, стана голем земјотрес, зашто Господов ангел слезе од небото, пристапи и го помести каменот и седна на него.
3 Лицето му светеше како молња, а неговата облека беше бела како снег.
4 Од страв пред него, стражарите се преплашија и паднаа како мртви.
5 Тогаш ангелот проговори и им рече на жените: 'Не плашете се, зашто знам дека Го барате распнатиот Исус.
6 Не е тука, зашто е воскреснат, како што рече! Дојдете и видете го местото каде што лежеше,
7 и отидете бргу и кажете им на Неговите ученици дека воскресна од мртвите. Еве, Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе Го видите! Ете, ви кажав!'
8 И тие веднаш заминаа од гробот, со страв и со голема радост, и отрчаа да им соопштат на Неговите ученици.
9 А Исус ги пресретна и ги поздрави: 'Бидете поздравени!' А тие се приближија до Него, Го фатија за нозете и Му се поклонија.
10 Тогаш Исус им рече: 'Не плашете се! Одете и соопштете им на Моите браќа да појдат во Галилеја. Таму ќе Ме видат.'
11 А кога одеа, ете, некои од стражарите дојдоа во градот и им соопштија на првосвештениците за сè што беше станало.
12 Потоа се состанаа со старешините, се советуваа и им дадоа на војниците многу пари
13 и им рекоа: 'Кажете дека Неговите ученици дојдоа ноќе и Го украдоа, додека ние спиевме.
14 А ако за ова чуе управителот, ние ќе го убедиме и вие нема за што да се грижите.'
15 А тие ги зедоа сребрениците и постапија како што ги научија. И тоа се разгласи меѓу Евреите до ден денешен.
16 А единаесеттемина ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше определил Исус.
17 И штом Го видоа, Му се поклонија, а некои се сомневаа.
18 Тогаш Исус им се приближи и им рече: 'Дадена Ми е сета власт на небото и на земјата.
19 Затоа одете и направете од сите народи Мои ученици, крштавајќи ги во името на Таткото и Синот и Светиот Дух, учејќи ги да го чуваат сето она што ви го заповедав!
20 И еве, Јас Сум со вас во сите дни до крајот на светот.'