Матеј. Chapter 20
1 'Зашто небесното царство прилега на човек, домаќин, кој излезе рано наутро да фати аргати за на лозје.
2 И откако се погоди со работниците по денариј на ден, ги испрати во своето лозје.
3 А кога излезе пак околу третиот час, виде други како стојат на пазарот, без работа,
4 и им рече: 'Појдете и вие во моето лозје, па колку ќе чини ќе ви дадам!'
5 И тие отидоа. А кога пак излезе околу шестиот и деветтиот час го направи истото.
6 А околу единаесеттиот час пак излезе и најде други, како стојат, и им рече: 'Зошто стоите тука цел ден без работа?'
7 Му рекоа: 'Никој не нè зеде на работа.' Тој им рече: 'Појдете и вие во моето лозје.'
8 Кога се свечери, господарот на лозјето му рече на својот управител: 'Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните, па до првите!'
9 И така, дојдените околу единаесеттиот час примија по денариј.
10 Кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе, но и тие примија по денариј.
11 Штом го примија, мрмореа против домаќинот, велејќи:
12 'Последниве работеа еден час, а ти ги спореди со нас, кои ги претрпевме мачнотиите на денот и жегата.'
13 А тој му одговори на еден од нив, велејќи: 'Пријателе, не ти чинам неправда; зар не се погоди со мене за денариј?
14 Земи си го своето и оди си; а јас сакам на последниов да му дадам колку и на тебе.
15 Зар немам право со своето да правам што сакам? Или твоето око е зло, зашто сум добар?'
16 Така, последните ќе бидат први, а првите - последни.'
17 Кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде дванаесеттемина насамо и по пат им рече:
18 'Еве, се искачуваме кон Ерусалим, а Синот Човеков ќе им биде предаден на првосвештениците и закониците, кои ќе Го осудат на смрт,
19 и ќе им Го предадат на неевреите, за да Му се ругаат, да Го камшикуваат и да Го распнат. Но на третиот ден ќе воскресне.'
20 Тогаш мајката на синовите Зебедееви Му пристапи заедно со своите синови, поклонувајќи Му се, за да измоли нешто од Него.
21 А Тој и рече: 'Што сакаш?' Му одговори: 'Заповедај двајцава мои синови да седнат, едниот од Твојата десна, а другиот од Твојата лева страна, во Твоето царство!'
22 А Исус одговори, велејќи: 'Не знаете што барате! Можете ли да ја испиете чашата што ќе ја испијам Јас.' Тие Му рекоа: 'Можеме.'
23 Им рече: 'Мојата чаша ќе ја испиете; но да Ми седнете оддесно или одлево, за тоа не решавам Јас, туку ќе им припадне на оние, за кои Мојот Татко го приготвил.'
24 И кога го чуја тоа десеттемина, им се налутија на двајцата браќа.
25 А Исус ги повика и рече: 'Знаете дека владетелите господарат над своите народи и дека големците владеат со нив.
26 Меѓу вас нека не биде така! Туку, оној што сака да биде најголем меѓу вас, нека ви служи!
27 И кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга,
28 така како што Синот Човеков не дојде да Му служат, туку да служи, и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина.'
29 А додека излегуваа од Ерихон, многу народ тргна по Него.
30 И ете, двајца слепи, седејќи крај патот, чуја дека Исус минува, и викаа велејќи: 'Господи, Сине Давидов, смилувај ни се!'
31 Народот ги прекори да молкнат, а тие викаа уште погласно: 'Господи, Сине Давидов, смилувај ни се!'
32 И Исус застана, ги повика и рече: 'Што сакате да сторам за вас?'
33 Тие Му рекоа: 'Господи, да ни се отворат очиве!'
34 Исус се сожали, им ги допре очите и веднаш прогледаа и тргнаа по Него.