Матеј. Chapter 3
1 Bо тие денови дојде Јован Крстителот и проповедаше во јудејската пустина, велејќи:
2 'Покајте се, бидејќи наближи небесното царство!'
3 Зашто тој е оној, за кого пророкот Исаија рече: 'Гласот на оној кој вика во пустината: 'Подгответе го патот на Господ, исправете ги Неговите врвици!''
4 А самиот Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу половината, а се хранеше со скакулци и див мед.
5 Тогаш доаѓаа кај него од Ерусалим, од цела Јудеја и од сета јорданска околина.
6 Тој ги крштаваше во реката Јордан, откако ги исповедуваа своите гревови.
7 Кога виде многу фарисеи и садукеи дека доаѓаат да ги крсти, им рече: 'Змиска породо, кој те предупреди да бегаш од гневот што доаѓа?
8 Принесувајте плодови достојни на покајание,
9 и не мислете да речете во себеси: 'Авраам е наш татко', зашто ви велам, Бог може од овие камења да му издигне чеда на Авраам.
10 Секирата веќе лежи при коренот на дрвјата; затоа секое дрво што не дава добар плод, се сече и се фрла в оган.
11 Јас ве крштавам со вода, за покајание, но Оној Кој доаѓа по мене, посилен е од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам сандалите. Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и оган.
12 Лопатата е во Неговата рака, и ќе го исчисти Своето гумно, ќе го собере Своето жито во амбарот, а плевата ќе ја запали со неизгаслив оган.'
13 Тогаш Исус пристигна од Галилеја, крај реката Јордан, кај Јован, за да биде крстен од него.
14 А Јован го одвраќаше, велејќи Му: 'Јас треба да бидам крстен од Тебе, а Ти доаѓаш кај мене?'
15 Исус му одговори: 'Дозволи го сега ова, зашто вака треба да ја исполниме сета праведност.' Тогаш тој Му дозволи.
16 А кога Исус беше крстен, веднаш излезе од водата. И ете, небесата се отворија и го виде како Божјиот Дух слегува како гулаб и се спушта над Него.
17 И ете, глас од небесата говореше: 'Овој е Мојот мил Син, Кој е по Мојата волја!'