Матеј. Chapter 17

1 По шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и неговиот брат Јован и ги изведе на висока гора, насамо.
2 И се преобрази пред нив, лицето Му болсна како сонцето, а Неговата облека стана бела како светлина.
3 И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, и разговараа со Него.
4 А Петар одговори и Му рече на Исус: 'Господи, убаво ни е тука; ако сакаш ќе направам три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.'
5 Додека тој уште зборуваше, ете, ги засени светол облак, а глас од облакот велеше: 'Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја; слушајте Го Него!'
6 А кога учениците го чуја тоа, паднаа ничкум и многу се исплашија.
7 Исус се приближи до нив, ги допре и им рече: 'Станете и не бојте се!'
8 А кога ги подигнаа своите очи, не видоа никого, туку само Исуса.
9 Додека слегуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: 'Не кажувајте му никому за ова видение, додека Синот Човеков не воскресне од мртвите.'
10 А учениците Го прашаа, говорејќи: 'Зошто тогаш закониците велат дека најнапред мора да дојде Илија?'
11 А Тој им одговори, велејќи: 'Навистина прво треба да дојде Илија и сè да возобнови.
12 Но, ви велам, дека Илија веќе дојде и не го препознаа, туку со него направија сè што сакаа. Така и Синот Човеков ќе пострада од нив.'
13 Тогаш учениците разбраа дека им зборуваше за Јован Крстителот.
14 Кога дојдоа кај народот, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече:
15 'Господи, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу, честопати паѓа во огнот и често во водата.
16 Го доведов кај Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат.'
17 Исус му одговори и рече: 'О, неверен и опак роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука.'
18 И Исус го прекори, а демонот излезе од него, и момчето вчасум беше исцелено.
19 Тогаш учениците дојдоа кај Исус насамо и рекоа: 'Зошто ние не можевме да го истераме?'
20 А Тој им рече: 'Заради вашето неверие; зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе и речете на оваа гора: 'Премести се оттука таму!', и ќе се премести. Ништо не ќе ви биде невозможно.
21 А овој вид не излегува инаку туку преку молитва и пост.'
22 Додека беа собрани заедно во Галилеја, Исус им рече: 'Синот Човеков ќе биде предаден во човечки раце,
23 ќе Го убијат и на третиот ден ќе воскресне.' А тие многу се нажалија.
24 Кога дојдоа во Капернаум, собирачите на дводрахми, Храмовиот данок, му пристапија на Петар и му рекоа: 'Зарем вашиот Учител не дава дводрахми?'
25 Тој рече: 'Дава.' И кога влезе во куќата, Исус го испревари, велејќи: 'Што мислиш, Симоне, земните цареви од кого земаат царина или данок, од своите синови или од туѓите?'
26 Откако Петар Му рече: 'Од туѓите,' Исус му рече: 'Значи, синовите се слободни.
27 Но за да не ги навредиме, оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе ја фатиш, а кога ќе и ја отвориш устата ќе најдеш статир. Земи го и дај им го за тебе и за Мене.'