Матеј. Chapter 9
1 Откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. Тогаш Му донесоа парализиран човек, кој лежеше на постела.
2 А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на парализираниот: 'Охрабри се, синко. Гревовите ти се простени.'
3 И ете, некои од закониците си рекоа во себеси: 'Овој хули на Бога.'
4 А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: 'Зошто имате зли мисли во вашите срца?
5 Па што е полесно да се рече: 'Ти се простуваат гревовите', или да се рече: 'Стани и оди?'
6 Но, да знаете дека Синот Човеков има власт на земјата да простува гревови!' Потоа му рече на парализираниот: 'Стани, земи си ја постелата и оди си дома.'
7 И тој стана и си отиде дома.
8 А народот, кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бог Кој им дава таква власт на луѓето.
9 А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи на место каде што се собира данок, и му рече: 'Следи Ме!' Тој стана и тргна по Него.
10 И додека Тој беше прилегнат крај трпезата во куќата, ете, многу даночници и грешници дојдоа и јадеа со Исус и со Неговите ученици.
11 Штом фарисеите го видоа тоа, им рекоа на учениците: 'Зошто вашиот учител јаде со даночниците и грешниците?'
12 А Тој, кога го чу тоа, рече: 'На здравите не им треба лекар, туку на болните!
13 Одете и научете што значи: 'Милост сакам, а не жртви'; зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците.'
14 Тогаш Јовановите ученици дојдоа кај Него и рекоа: 'Зошто ние и фарисеите многу постиме, а Твоите ученици не постат?'
15 А Исус им рече: 'Можат ли сватовите да тажат, додека младоженецот е со нив? Но, ќе дојдат дни кога ќе им се отме младоженецот и тогаш ќе постат.
16 Никој не става алтица од ново платно на стара облека, зашто алтицата ја цепи облеката и дупката станува поголема.
17 Ниту пак ново вино се става во стари мешини; зашто мешините се кинат, виното истекува и мешините пропаѓаат. Туку ново вино се налева во нови мешини, па се запазуваат и двете.'
18 Додека им зборуваше за тоа, ете, еден старешина на синагогата дојде, падна пред Него ничкум и рече: 'Мојата ќерка пред малку умре, но дојди и стави ја Својата рака на неа и таа ќе оживее.'
19 Исус стана и заедно со учениците тргна со него.
20 И ете, жена, која боледуваше дванаесет години од крвавење, Му се приближи одзади и се допре до работ на Неговата наметка,
21 зашто си велеше во себеси: 'Само ако се допрам до Неговата облека, ќе оздравам.'
22 А Исус се сврте, ја виде и и рече: 'Охрабри се, ќерко. Твојата вера те исцели.' И жената беше исцелена во тој час.
23 Кога Исус дојде во куќата на старешината, ги виде свирачите и развревената толпа,
24 и рече: 'Отстапете, зашто девојчето не е умрено, туку спие.' А тие Му се потсмеваа.
25 Откако народот беше истеран, влезе и го фати девојчето за рака и тоа стана.
26 И гласот за тоа се рашири по сета земја.
27 Кога Исус си одеше оттаму, двајца слепи Го следеа, викајќи и зборувајќи: 'Смилувај ни се, Сине Давидов!'
28 А кога дојде во куќата, слепите Му пристапија, а Исус им рече: 'Bерувате ли дека можам да го сторам тоа?' Тие Му рекоа: 'Да, Господи!'
29 Тогаш ги допре нивните очи, велејќи: 'Нека биде според вашата вера.'
30 И очите им се отворија. А Исус им заповеда строго: 'Гледајте никој да не дознае за ова!'
31 А тие, штом излегоа, го разгласија тоа по сета земја.
32 Додека излегуваа, Му доведоа човек нем и опседнат од демон.
33 Откако демонот беше изгонет, немиот прозборува. И народот восхитено зборуваше: 'Никогаш не било видено нешто вакво во Израел!'
34 Варисеите велеа: 'Тој ги изгонува демоните преку принцот на демоните.'
35 Исус одеше по сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги, навестувајќи го Евангелието за царството, исцелувајќи секаква болест и секаква немош меѓу луѓето.
36 А кога го виде народот, беше трогнат од сожаление за него, зашто беше изморен и раштркан како овци кои немаат пастир.
37 Тогаш им рече на Своите ученици: 'Жетвата навистина е голема, а работници има малку,
38 затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници за Својата жетва.'