Матеј. Chapter 14
1 Bо она време тетрархот Ирод ја чу веста за Исус
2 и им рече на своите слуги: 'Тоа е Јован Крстителот. Bоскреснал од мртвите, и затоа моќните дела дејствуваат во него.'
3 Кога Ирод го фати Јована, го врза и го стави в зандана заради Иродијада, жената на својот брат Вилип,
4 бидејќи Јован му велеше: 'Не е според законот да ја имаш',
5 и иако сакаше да го убие, се плашеше од народот, зашто го сметаше за пророк.
6 А кога се празнуваше Иродовиот роденден, ќерката на Иродијада играше пред нив и му угоди на Ирод.
7 Затоа, тој со заклетва и вети дека ќе и даде што и да му побара.
8 А таа, наговорена од својата мајка, рече: 'Дај ми ја тука на чинија главата на Јован Крстителот.'
9 На царот му беше жал, но заради заклетвите и заради оние што седеа со него, заповеда да и ја дадат,
10 и испрати, па го обезглавија Јован во занданата.
11 Неговата глава беше донесена на чинија и и беше дадена на девојката, а таа и ја однесе на мајка си.
12 А неговите ученици дојдоа, го зедоа телото и го погребаа, па отидоа и Му јавија на Исус.
13 А кога го чу тоа Исус, замина оттаму со кораб, во пусто место, насамо. Но народот чу и Го следеше пеш од градовите.
14 И кога излезе на брегот виде едночудо луѓе, се сожали на нив и ги исцели нивните болни.
15 А кога се свечери, Неговите ученици дојдоа кај Него и Му рекоа: 'Местово е пусто и времето е веќе поодминато. Пушти ги луѓето да отидат по селата за да си купат храна.'
16 Но Исус им рече: 'Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат!'
17 А тие Му рекоа: 'Овде немаме ништо, освен пет лебови и две риби.'
18 А Тој им рече: 'Донесете Ми ги тука.'
19 И заповеда луѓето да поседнат по тревата; ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на луѓето.
20 И сите јадоа и се наситија, и ги дигнаа преостанатите парчиња, дванаесет полни кошеви.
21 А оние што јадеа, беа околу пет илјади мажи, покрај жените и децата.
22 И веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да влезат во коработ и да отидат пред Него на другата страна, додека Тој да го распушти народот.
23 И штом го распушти, се искачи на гората за да се моли насамо. Кога се свечери, таму беше сам.
24 Коработ веќе беше многу далеку од брегот и го удираа брановите, зашто ветрот беше спротивен.
25 Bо четвртата ноќна стража Тој дојде кај нив, одејќи по морето.
26 Кога Го видоа како оди по морето, учениците се исплашија и рекоа: 'Тоа е привидение!' и извикаа од страв.
27 А Исус веднаш им проговори, велејќи: 'Охрабрете се! Јас Сум! Не бојте се.'
28 А Петар Му одговори и рече: 'Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водава.'
29 Овој му рече: 'Дојди!' Петар слезе од коработ и тргна по водата кон Исус.
30 Но кога го виде силниот ветар, се исплаши, почна да тоне и извика, велејќи: 'Господи, спаси ме!'
31 А Исус веднаш ја испружи раката, го фати и му рече: 'Маловернику, зошто се посомнева?'
32 И кога влегоа во коработ, ветрот престана.
33 А оние што беа во коработ, дојдоа и Му се поклонија, велејќи: 'Навистина, Ти си Божјиот Син.'
34 И кога преминаа на другата страна, дојдоа во генисаретската земја.
35 И кога Го препознаа мажите од тоа место, разгласија по целата околина, па Му ги донесоа сите што беа болни,
36 и Го молеа да се допрат само до работ од Неговата наметка; и кој како ќе се допреше, оздравуваше.