Матеј. Chapter 4
1 Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот.
2 И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне.
3 Тогаш искушувачот Му пристапи и рече: 'Ако си Божји Син, заповедај им на овие камења да станат лебови!'
4 А Тој одговори, велејќи: 'Напишано е: 'Човекот не ќе живее само од леб, туку од секој збор што излегува од устата на Бог'.'
5 Тогаш ѓаволот го одведе во светиот град, Го постави на врвот на Храмот
6 и Му рече: 'Ако си Божји Син, фрли се долу; зашто напишано е: 'Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе', и 'ќе Те носат на раце, за да не Си ја удриш ногата на камен.'
7 Исус му рече: 'А напишано е и: 'Не искушувај Го Господ, твојот Бог'!'
8 Ѓаволот пак Го одведе на многу висока гора, Му ги покажа сите царства на светов и нивната слава,
9 и Му рече: 'Ќе Ти го дадам сето ова ако паднеш и ми се поклониш.'
10 Тогаш Исус му рече: 'Оди си, сатано, зашто напишано е: 'На Господ, твојот Бог, ќе Му се поклонуваш и само Нему ќе Му служиш!''
11 Тогаш ѓаволот Го остави и, ете, дојдоа ангели и Му служеа.
12 А кога чу дека Јован го затвориле, се повлече во Галилеја.
13 И откако го напушти Назарет, дојде и се насели во Капернаум, крај морето, во пределите на Зебулон и Нафталим,
14 за да се исполни она што беше речено преку пророкот Исаија:
15 'Земјо Зебулонова и земјо Нафталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, безбожна Галилејо;
16 народот кој седеше во темнина, виде голема Светлина, а на оние кои седеа во земјата под сенката на смртта, ним им болсна светлина.'
17 Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: 'Покајте се, зашто небесното царство се приближи!'
18 А кога одеше покрај Галилејското Море, виде двајца браќа: Симон, наречен Петар и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари,
19 па им рече: 'Тргнете по Мене и Јас ќе ве направам рибари на луѓе!'
20 А тие веднаш ги оставија мрежите и Го следеа.
21 И кога замина оттаму, виде други двајца браќа: Јаков, синот на Зебедеј и брат му Јован, во чун со татка им Зебедеј, како ги крпат своите мрежи, и ги повика.
22 А тие веднаш го оставија чунот и татка си, и тргнаа по Него.
23 Исус одеше по цела Галилеја, поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието за царството и исцелувајќи секаква болест и секаква немош меѓу народот.
24 Се разнесе глас за Него по цела Сирија, и ги доведоа кај Него сите болни кои страдаа од разни болести и маки, опседнати од демони, умоболни и парализирани, и Тој ги исцели.
25 И Го следеше голема толпа од Галилеја, Декапол, Ерусалим, Јудеја и отаде Јордан.