Матеј. Chapter 15
1 Тогаш фарисеите и закониците од Ерусалим, Му пристапија на Исус и рекоа:
2 'Зошто Твоите ученици ја престапуваат традицијата на старите? Бидејќи не си ги мијат рацете, кога јадат леб.'
3 А Тој одговарајќи им рече: 'Зошто и вие ја престапувате Божјата заповед, заради вашите традиции?
4 Зашто Бог заповеда: 'Почитувај ги таткото и мајката' и 'Кој зборува лошо за својот татко или мајка, нека биде казнет со смрт'.
5 А вие велите: кој ќе му рече на татко си или на мајка си: 'Она со што би можел да те помогнам, Му е подарено на Бога,
6 тој нема обврска спрема татка си или мајка си'. Така го укинавте Божјото слово заради вашите традиции.
7 Лицемери! Исаија добро пророкуваше за вас, велејќи:
8 'Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене.
9 Попусто Ми се поклонуваат, поучувајќи учења кои се човечки повелби.''
10 И го повика народот и му рече: 'Слушајте и разберете!
11 Она што влегува во устата не го погани човекот, туку она што излегува од устата, тоа го погани човекот.'
12 Тогаш учениците Му се приближија и рекоа: 'Знаеш ли дека фарисеите се навредија кога го чуја тоа?'
13 А Тој им одговори и рече: 'Секое растение што не го насадил Мојот небесен Татко, ќе биде искорнато.
14 Оставете ги. Тие се слепи водачи на слепите, а ако слеп води слеп, обајцата ќе паднат в јама.'
15 А Петар изусти и Му рече: 'Објасни ни ја споредбата.'
16 На тоа Исус им рече: 'Зар вие сè уште не разбирате?
17 Не сфаќате ли дека сè што влегува во устата минува низ стомакот и се исфрла надвор?
18 А она што излегува од устата, произлегува од срцето и тоа го погани човекот.
19 Зашто од срцето произлегуваат зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули.
20 Тие се нештата кои го поганат човекот. А јадењето со неизмиени раце не го погани човекот.'
21 Откако излезе оттаму, Исус се повлече во пределите на Тир и Сидон.
22 И ете, една жена, хананејка, се појави од тие краишта и извика кон Него велејќи: 'Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Мојата ќерка е тешко опседната од демон.'
23 А Тој не и одговори со ниеден збор. Но Му се приближија Неговите ученици и Го молеа, велејќи Му: 'Избркај ја, зашто вика по нас.'
24 Но Тој одговори и рече: 'Јас Сум испратен само кај загубените овци на израеловиот дом.'
25 Таа повторно Му се приближи и поклонувајќи Му се рече: 'Господи, помогни ми!'
26 А Тој, одговарајќи и рече: 'Не е убаво да се земе лебот од децата и да им се фрли на кучињата.'
27 Но таа рече: 'Да, Господи, но дури и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните Господари.'
28 Тогаш Исус и одговори, велејќи: 'О, жено, голема е твојата вера. Нека ти биде како што посакуваш.' И нејзината ќерка беше исцелена во тој час.
29 Откако замина оттаму, Исус дојде покрај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму.
30 И нагрвалија на Него едночудо луѓе, кои носеа со себе: куци, сакати, слепи, неми и многу други, па ги положуваа при Неговите нозе, а Тој ги исцелуваше,
31 па гледајќи ги немите како прозборуваат, сакатите како оздравуваат, куците како одат и слепите како гледаат луѓето се восхитуваа; и Го прославуваа Богот на Израел.
32 А Исус ги повика Своите ученици кај Себе, и рече: 'Исполнет Сум со сожаление спрема луѓево, зашто веќе три дни останаа со Мене и немаат што да јадат, а не сакам да ги отпуштам гладни, за да не премалат по патот.'
33 Учениците Му рекоа: 'Кај ќе најдеме во пустинава толку леб, за да наситиме олку многу луѓе?'
34 Исус им рече: 'Колку лебови имате?' Тие рекоа: 'Седум и неколку рипчиња.'
35 И им заповеда на луѓето да испоседнат наземи;
36 ги зеде седумте лебови и рибите, благодари, ги раскрши и им ги даде на учениците, а учениците пак на луѓето.
37 И сите јадоа и се наситија, и го собраа преостанатото од парчињата, седум полни кошеви.
38 А оние што јадеа, беа четири илјади мажи, покрај жените и децата.
39 И штом ги распушти луѓето, влезе во коработ и дојде во пределите на Магадан.