Матеј. Chapter 8
1 Кога слезе од гората, Го следеше едночудо народ.
2 И ете, еден лепрозен Му пристапи и падна пред Него ничкум, велејќи: 'Господи, ако сакаш, можеш да ме исчистиш.'
3 Тогаш Исус ја испружи раката и го допре, велејќи: 'Сакам! Биди исчистен!' И веднаш од него се исчисти лепрата.
4 А Исус му рече: 'Гледај, никому не кажувај, туку оди, појави му се на свештеникот и принеси го дарот што го заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.'
5 А кога Исус влезе во Капернаум, Му пристапи еден стотник и Го преколнуваше, велејќи:
6 'Господи, мојот слуга лежи парализиран дома и многу се мачи.'
7 Исус му рече: 'Ќе дојдам и ќе го исцелам.'
8 А стотникот како одговор му рече: 'Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив, туку, кажи само збор и мојот слуга ќе биде исцелен.
9 Зашто и јас сум човек потчинет, а имам и војници под себе. И кога му велам на едниот: 'Оди!' тој оди; и на другиот: 'Дојди!' - и тој доаѓа; а на својот слуга: 'Направи го тоа!' - и тој го прави тоа.'
10 А кога Исус го чу тоа, се восхити и им рече на оние што Го следеа: 'Bистина ви велам, ни во Израел не најдов толкава вера.
11 Bи велам дека мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе прилегнат крај трпезата со Авраам, Исак и Јаков во небесното царство;
12 а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина, каде што ќе има плач и чкртање со заби.'
13 Тогаш Исус му рече на стотникот: 'Оди си, нека биде според твојата вера.' И неговиот слуга оздраве во истиот час.
14 Кога дојде Исус во Петровиот дом, ја виде неговата тешта како лежи болна од треска.
15 Ја допре нејзината рака и треската ја остави, а таа стана и Го послужуваше.
16 А кога настапи вечерта, Му доведоа многу опседнати од демони. Тој со збор ги изгони духовите и ги исцели сите болни,
17 за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: 'Тој ги зеде нашите немошти и ги понесе нашите болести.'
18 А кога Исус виде голема толпа околу Себе, заповеда да отпловат на другата страна.
19 А еден законик, пристапувајќи Му рече: 'Учителе, јас ќе Те следам каде и да одиш.'
20 А Исус му рече: 'Лисиците имаат дувла, а небесните птици гнезда, додека Синот Човеков нема каде да стави глава.'
21 Еден друг од Неговите ученици Му, рече: 'Господи, дозволи ми најнапред да отидам и да го погребам татко ми.'
22 А Исус му рече: 'Следи Ме и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци.'
23 Кога влезе во коработ, Неговите ученици тргнаа со Него.
24 И ете, голема бура се подигна на морето, така што брановите го покриваа коработ; а Тој спиеше.
25 И Му пристапија и Го разбудија, велејќи: 'Господи, спаси нè! Загинуваме!'
26 А Тој им рече: 'Зошто се плашите, маловерни?' Тогаш стана, ги прекори ветровите и морето, и сè стивна.
27 А луѓето се восхитија и рекоа:' Каков е Овој човек, та и ветровите и морето Му се покоруваат!?'
28 И кога дојде на другата страна, во гадаринската земја, Го сретнаа двајца опседнати од демони, кои излегоа од гробовите, крајно опасни, така што никој не можеше да помине по патот.
29 И ете, извикаа, велејќи: 'Што имаме ние со Тебе, Божји Сине! Дали дојде за да нè измачуваш предвреме?'
30 Недалеку од нив пасеше голем крдар свињи.
31 А демоните Го преколнуваа, велејќи: 'Ако нè изгониш, испрати нè да отидеме во крдарот свињи.'
32 Тој им рече: 'Одете!' А тие излегоа и отидоа во свињите; и ете, целиот крдар се сурна по карпата во морето и исчезна во водите.
33 А свињарите побегнаа и штом дојдоа во градот, разгласија за сè и за она што им се случи на опседнатите.
34 И ете, целиот град излезе да се сретне со Исус, и кога Го видоа Го преколнуваа да си отиде од нивниот крај.