Марко. Chapter 16

1 Кога помина саботниот ден, Марија од Магдала, Марија мајката на Јаков и Салома, купија мириси за да отидат и да Му извршат помазание.
2 А во мугрите, во првиот ден на седмицата, дојдоа до гробот на изгрејсонце,
3 и си зборуваа меѓу себе: 'Кој ќе ни го помести каменот од влезот на гробот?'
4 А кога погледнаа, видоа дека каменот е поместен, иако беше многу голем.
5 А штом влегоа во гробот, видоа млад човек во долга бела облека, како седи оддесно и се вчудовидоа.
6 Но тој им рече: 'Не чудете се! Bие Го барате Исус Назареќанецот, Кој беше распнат. Тој воскресна! Не е тука! Еве го местото каде што Го положија.
7 Туку, одете и кажете им на Неговите ученици, и на Петар, 'Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе Го видите, како што ви рече.''
8 А тие излегоа и побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и трепет. И никому ништо не рекоа, бидејќи се плашеа.
9 А кога воскресна, рано во првиот ден на седмицата, и се јави прво на Марија од Магдала, од која беше истерал седум демони.
10 Таа отиде и им јави на оние што беа со Него, кои тагуваа и плачеа.
11 А тие, кога чуја дека е жив и дека таа Го видела, не поверуваа.
12 Потоа им се јави во друг лик, на двајца од нив, по патот, кога одеа надвор од градот.
13 И тие отидоа и им јавија на другите, но и ним не им поверуваа.
14 Најпосле им се јави и на единаесеттемина, додека седеа крај трпезата, и ги прекори заради нивното неверие и закоравеноста на срцата, бидејќи не им поверуваа на оние што Го видоа воскреснат.
15 И им рече: 'Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание!
16 Кој ќе поверува и биде крстен, ќе биде спасен, а кој не ќе поверува, ќе биде осуден.
17 А овие чудотворни знаци ќе ги придружуваат оние што поверувале: во Мое име ќе истеруваат демони, ќе зборуваат нови јазици,
18 ќе фаќаат змии, дури и ако испијат нешто смртоносно - нема да им наштети; ќе полагаат раце на болни, а тие ќе оздравуваат.'
19 А Господ Исус, откако им го рече тоа, се вознесе на небото и седна десно од Бог.
20 А тие излегоа и навестуваа насекаде; и Господ го помагаше и го потврдуваше нивното слово со чудотворни знаци, кои го следеа.