Марко. Chapter 6
1 И замина оттаму и дојде во Својот роден крај, а Неговите ученици одеа по Него.
2 А кога дојде саботниот ден, почна да поучува во синагогата, и мнозина кои слушаа се зачудија и рекоа: 'Од каде Му е ова Нему? И каква е оваа мудрост што Му е дадена? И какви чуда прават Неговите раце?
3 Не е ли овој дрводелецот, Синот на Марија, и братот на Јаков, Јосиј, Јуда и Симон? И не се ли Неговите сестри тука меѓу нас?' И се навредија од Него.
4 А Исус им рече: 'Пророкот никаде не е без почести, освен во својот роден крај, меѓу своите роднини и во својот дом.'
5 И не можеше таму да направи ниедно чудо, освен што исцели неколку болни, полагајќи ги рацете врз нив.
6 И се чудеше на нивното неверие. Тој одеше по околните села и поучуваше.
7 И откако ги повика дванаесеттемина, почна да ги праќа по двајца, давајќи им власт над нечистите духови.
8 И Тој им заповеда да не носат ништо за по пат освен стап: ни леб, ни торба, ниту пари во појасот,
9 туку да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки.
10 И им рече: 'Ако влезете во некој дом, останете таму додека не излезете оттаму.
11 А ако не ве примат и не ве послушаат, излезете оттаму а потоа истресете го правот од своите нозе, за да се осведочат!'
12 И тргнаа проповедајќи покајание.
13 И изгонуваа многу демони, и многу болни помазуваа со миро и ги исцелуваа.
14 Слушна и царот Ирод (зашто Неговото име беше прочуено), и зборуваше: 'Јован Крстителот станал од мртвите и затоа во него дејствуваат моќни сили!'
15 Едни пак велеа дека е Илија, а други дека е пророк, небаре еден од пророците.
16 Но кога Ирод чу, рече: 'Јован, кому јас му ја отсеков главата, станал од мртвите.'
17 Имено, Ирод испрати по Јован, го фати и го затвори в зандана, заради Иродијада, жената на брат му Вилип, со која се ожени,
18 зашто Јован му велеше на Ирод: 'Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат.'
19 А Иродијада беше озлобена на него и сакаше да го убие, но не можеше,
20 зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е човек праведен и свет, и го пазеше, а кога го слушаше, се збунуваше многу, но сепак го слушаше со задоволство.
21 И кога дојде згоден ден, откако Ирод на својот роденден им даде вечера на своите големци, војводи и галилејски првенци,
22 влезе ќерката на Иродијада, поигра и им угоди на Ирод и на неговите гости, а царот и рече на девојката: 'Побарај од мене што сакаш и ќе ти дадам,'
23 и и се заколна: 'Што и да побараш од мене, ќе ти дадам - до половина од моето царство.'
24 А таа излезе и ја праша мајка си: 'Што да побарам?' Таа рече: 'Главата на Јован Крстителот.'
25 И веднаш, откако влезе брзо кај царот, побара, велејќи: 'Сакам да ми ја дадеш, сега веднаш, на чинија, главата на Јован Крстителот.'
26 Е, тогаш, царот многу се натажи, ама поради заклетвата и гостите, не сакаше да ја одбие,
27 па веднаш испрати џелат и му нареди да ја донесе неговата глава. И тој отиде, му ја отсече главата во занданата,
28 ја донесе на чинија и и ја даде на девојката, а девојката и ја предаде на мајка си.
29 Кога неговите ученици чуја, дојдоа и го зедоа неговото тело и го положија в гроб.
30 Апостолите се собраа околу Исус и Го известија за сè што направиле и како поучувале.
31 А Тој им рече: 'Дојдете на осамено место и сами одморете се малку!' Зашто, мнозина доаѓаа и си заминуваа, а немаа време ни да јадат.
32 И сами тргнаа со кораб на осамено место.
33 Арно ама народот ги виде кога заминуваа и мнозина ги познаа и се упатија пеш, од сите градови, и стигнаа пред нив.
34 А кога излезе од коработ, Тој виде едночудо луѓе и се сожали над нив, зашто прилегаа на овци без пастир, и почна да ги поучува за многу нешта.
35 И бидејќи времето поодмина, Неговите ученици Му пристапија и Му рекоа: 'Местово е пусто, а веќе е доцна.
36 Распушти ги, нека отидат по околните села и населби, и нека си купат нешто за јадење!'
37 А Тој одговори, велејќи: 'Bие дајте им да јадат!' Тие Му рекоа: 'Да одиме да купиме леб за двесте денарии и да им дадеме да јадат?'
38 А Тој изусти: 'Колку лебови имате? Појдете, видете!' И откако се вратија, рекоа: 'Пет леба и две риби.'
39 И им заповеда да ги распоредат сите по групи, на зелената трева.
40 И испоседнаа во групи по сто и педесет.
41 А Тој ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, благослови и ги раскрши лебовите, па им даваше на учениците да ги ставаат пред нив; и двете риби им ги раздели на сите.
42 И сите јадеа и се наситија.
43 И кренаа дванаесет кошници полни со парчиња леб и риби.
44 А оние што го јадеа лебот, беа пет илјади мажи.
45 Bеднаш потоа ги натера Своите ученици да влезат во коработ и побргу од Него да отидат на спротивната страна, кон Бетсаида, додека Тој да го распушти народот.
46 И откако се раздели од нив, отиде на гората да се помоли.
47 Приквечер коработ беше сред море, а Тој остана сам на копното.
48 И кога ги виде како се мачат веслајќи, зашто ветрот им доаѓаше отспротива, околу четвртата ноќна стража, дојде до нив одејќи по морето, со намера да ги одмине.
49 А тие, кога Го видоа како оди по морето, помислија дека е привидение и извикаа,
50 зашто сите Го видоа и се исплашија. Но, Тој веднаш им проговори, велејќи: 'Бидете храбри! Јас Сум! Не плашете се!'
51 Тогаш влезе кај нив во коработ, а ветрот стивна. Тие се вчудовидоа,
52 зашто не го сфатија ни чудото со лебовите, бидејќи срцето им беше закоравено.
53 И кога преминаа, дојдоа на копно во Генесарет, каде слегоа.
54 Кога излегоа од коработ, луѓето веднаш Го препознаа,
55 се растрчаа по целата околина и почнаа да носат болни на постели, каде што ќе чуеја дека е Тој.
56 И каде и да влегуваше, во села или во градови, или по полињата, на пазариштата ги ставаа болните и Го молеа да се допрат барем до ресите на Неговата облека. И сите што Го допреа беа исцелени.