Марко. Chapter 9
1 И им рече: 'Bистина ви велам - има некои меѓу вас, кои стојат тука, а кои нема да вкусат смрт, додека не го видат Божјото царство како стапува во сила.'
2 И по шест дни, Исус ги зеде Петар, Јаков и Јован и со Себе ги поведе само нив на една висока гора, насамо, и се преобрази пред нив;
3 неговата облека стана блескава и многу бела, како што ниедно белило на земјата не може да ја избели.
4 И им се јави Илија со Мојсеј, па разговараа со Исус.
5 А Петар проговори и Му рече на Исус: 'Раби, добро е да сме тука. Да направиме три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.'
6 Bсушност, не знаеше што да рече, зашто беа многу уплашени.
7 И наиде облак и ги засени, а од облакот се чу глас: 'Овој е Мојот возљубен Син! Слушајте Го!'
8 И одеднаш кога се обѕрнаа, веќе никого не видоа крај себе, освен Исус.
9 А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не му кажуваат што видоа, додека Синот Човеков не воскресне од мртвите.'
10 И тие го држеа цврсто тој збор, меѓусебно расправајќи: што значи - воскреснување од мртвите?
11 И Го прашаа: 'Зошто закониците велат дека најпрвин треба да дојде Илија?'
12 А Тој им рече: 'Прво ќе дојде Илија, и сè ќе воспостави. А како што е напишано за Синот Човеков: Тој треба многу да претрпи и да биде презрен?
13 Но, Јас ви велам дека Илија дојде, и дека постапија со него како што сакаа, како што е напишано за него.'
14 И кога дојдоа кај Исусовите ученици, видоа едночудо луѓе околу нив, и законици кои се препираа со нив.
15 Штом целиот народ Го здогледа, се вчудовиде, а луѓето се стрчаа и Го поздравуваа.
16 А Тој ги праша: 'За што се препирате со нив?'
17 А еден од народот му одговори: 'Учителе, Ти го доведов својот син, во кого има дух кој го онемува;
18 и кога го фаќа, го кутнува, му тече пена на уста, чкрта со забите и се вкочанува. Им реков на Твоите ученици да го истераат, но не можеа.'
19 А Тој одговори, велејќи: 'О неверно поколение, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!'
20 И Му го доведоа. А штом духот Го виде Него, веднаш го стресе момчето и тоа падна наземи, тркалајќи се со пена на устата.
21 Тогаш го праша татка му: 'Колку време има откако му се случува ова?' А тој рече: 'Од детството,
22 а често го фрла во оган и во вода, за да го погуби. Но, ако можеш нешто да сториш, смилувај ни се и помогни ни!'
23 Исус пак му рече: 'Ако можеш! Сè е можно за оној што верува!'
24 Таткото на момчето веднаш извика, велејќи: 'Bерувам! Помогни му на моето неверие!'
25 А Исус, штом виде дека се собира народ, му се закани на нечистиот дух и му рече: 'Духу, кој предизвикуваш немост и глувост, Јас ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него!'
26 И откако извика, силно го стресе детето и тој излезе. А тоа беше небаре мртво, така што мнозина велеа дека умрело.
27 Исус, пак, го фати за рака, го поткрена и тоа стана.
28 А кога дојде во куќата, Неговите ученици Го прашаа насамо: 'Зошто ние не можевме да го истераме?'
29 Тој им одговори: 'Оваа порода со ништо не може да се истера, освен со молитва.'
30 Кога заминаа оттаму, минуваа низ Галилеја, и не сакаше никој да дознае за тоа;
31 имено, Тој ги поучуваше Своите ученици, велејќи: 'Синот Човеков ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и откако ќе Го убијат, Тој ќе воскресне на третиот ден.
32 Но тие не ја разбраа таа изјава, а се плашеа да Го прашаат.'
33 И дојдоа во Капернаум, и кога беше во куќата, Тој ги праша: 'За што се расправавте по пат?'
34 А тие молчеа, зашто по пат се расправаа меѓусебно за тоа кој е најголем.
35 Тој, пак, седна, ги повика дванаесеттемина и им рече: 'Кој сака да биде прв, нека биде последен и слуга на сите!'
36 Тогаш зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече:
37 'Кој прима едно вакво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној Кој Ме испрати.'
38 Јован Му рече: 'Учителе, видовме еден кој во Твое име изгонуваше демони, а не нè следи, та му забранивме, зашто не оди по нас.'
39 А Исус рече: 'Не бранете му! Зашто нема никој кој би правел чудо во Мое име, а да може веднаш потоа лошо да зборува за Мене.
40 Оти, оној кој не е против нас, тој е со нас.
41 И кој ќе ви даде чаша студена вода во Мое име, бидејќи сте Христови, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.'
42 А кој ќе наведе на грев едно од овие малечкиве кои веруваат во Мене, за него подобро ќе биде да му обесат на вратот воденички камен и да го фрлат в море.
43 И ако твојата рака те наведува на грев, отсечи ја. Подобро е да влезеш без рака во животот, отколку со двете раце да отидеш во пеколот, во неугаслив оган,
44 каде што нивниот црв не умира, и огнот не згаснува.
45 Ако твојата нога те наведува на грев, отсечи ја! Подобро е за тебе да влезеш во животот сакат, отколку со двете нозе да бидеш фрлен во пеколот,
46 каде што нивниот црв не умира, и огнот не згаснува.
47 И ако и твоето око те наведува на грев, извади го! Подобро е за тебе да влезеш во Божјото царство со едно око, отколку да бидеш со двете очи фрлен во пеколот,
48 каде што нивниот црв не умира, и огнот не згаснува.
49 Зашто секој ќе биде посолен со оган.
50 Солта е добра, но ако солта стане несолена, со што ќе ја осолите? Имајте сол во себе и имајте мир меѓу себе.'