Марко. Chapter 5
1 И минаа од другата страна на морето, во Герасинскиот крај.
2 А кога Тој излезе од коработ, веднаш му дојде во пресрет, од гробовите, еден човек со нечист дух.
3 Тој живееше во гробовите и никој не можеше веќе ни со окови да го врзе,
4 зашто многупати го ставаа во окови и вериги, но тој ги кинеше веригите и ги кршеше оковите, и никој не можеше да го скроти.
5 И постојано, ноќе и дење, беше во гробовите и по ридовите, викајќи и удирајќи се самиот со камења.
6 И кога го виде Исуса оддалеку, дотрча, падна ничкум пред Него;
7 и извика со силен глас: 'Што имаш Ти со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!'
8 Зашто му рече: 'Излези од човеков, нечист духу!'
9 А Тој праша: 'Како ти е името?' Тој Му рече: 'Името ми е Легион, зашто многу нè има.'
10 И многу го молеа да не ги истера од тој крај.
11 А таму, по ридот, пасеше голем крдар свињи.
12 И Го замолија, велејќи: 'Прати нè кај свињине, да влеземе во нив.'
13 И Тој им дозволи и нечистите духови излегоа и влегоа во свињите, а крдарот се сурна по стрмнината в море, беа околу две илјади, и се удавија во морето.
14 А тие што ги пасеа побегнаа и разгласија во градот и по селата, и дотрчаа да видат што станало.
15 И кога дојдоа кај Исус и го видоа опседнатиот, во кого беше 'легионот', како седи облечен и присебен, се уплашија.
16 А тие, кои го видоа тоа, раскажуваа што се случи со опседнатиот и со свињите.
17 И почнаа да Го молат да си замине од нивниот крај.
18 А кога влегуваше во коработ, оној што беше опседнат од демоните Го молеше да биде со Него.
19 Но Тој не му одобри, туку му рече: 'Оди дома кај своите и раскажи им што ти направи Господ и како ти се смилува!'
20 И тој отиде и почна да раскажува по Декапол, што му направи Исус и сите се восхитуваа.
21 Кога Исус пак премина со коработ на другата страна, едночудо народ се собра околу Него, а Тој беше покрај морето.
22 Тогаш дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир и кога Го виде, падна пред Неговите нозе.
23 Го молеше многу, велејќи: 'Мојата ќерка е на умирање. Дојди и положи ги рацете над неа, за да биде исцелена и да живее!'
24 И Тој тргна со него, а голема врволица одеше по Него која Го притискаше.
25 Имаше една жена, која страдаше од крвавење дванаесет години,
26 и многу претрпе од мнозина лекари, па го потроши целиот свој имот, а од тоа немаше никаква полза, туку и беше уште полошо.
27 Откако чу за Исус, се мушна во толпата, одназад, и се допре до Неговата облека,
28 зашто си велеше: 'Ако се допрам макар и до Неговата облека, ќе оздравам!'
29 И веднаш прекина крвавењето и таа почувствува во телото дека е исцелена од болеста.
30 А Исус почувствува веднаш во Себе дека сила излезе од Него, се сврте сред народот и рече: 'Кој се допре до Мојава облека?'
31 Неговите ученици, пак, рекоа: 'Гледаш дека народот Те притиска, а уште прашуваш: 'Кој се допре до Мене?''
32 Тој се обѕрнуваше наоколу за да види кој го направи тоа.
33 А жената, уплашена и вџашена, зашто знаеше што стана со неа, дојде и падна пред Него и Му ја кажа сета вистина.
34 А Тој и рече: 'Ќерко, твојата вера те избави! Оди си со мир и биди исцелена од својата болест!'
35 Додека Тој уште зборуваше, дојдоа од домот на началникот на синагогата кому му рекоа: 'Ќерка ти веќе умре! Зошто уште Му додеваш на Учителот!'
36 А Исус, кога ја чу веста што ја кажаа, му рече на началникот на синагогата: 'Не плаши се! Само ти верувај!'
37 И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петар, Јаков и Јован, братот на Јаков.
38 Кога дојдоа во куќата на началникот, виде вриеж, лелек и пискотење,
39 и кога влезе, им рече: 'Зошто пискате и плачете? Девојчето не е умрено, туку си спие!'
40 А тие Му се потсмеваа. А Тој, откако ги истера сите надвор, ги зеде таткото, мајката и оние што Го придружуваа, и влезе таму каде што беше девојчето.
41 И кога го фати за рака му рече: 'Талита кум!' (што значи: 'Девојче, ти велам стани!')
42 И девојчето стана веднаш и одеше, зашто имаше дванаесет години. И веднаш се вчудовидоа.
43 А Тој строго им заповеда никој да не дознае за тоа, и им рече да му дадат да јаде на девојчето.