Марко. Chapter 15

1 А во мугрите, првосвештениците, старешините, закониците и целиот Совет Го врзаа Исуса, Го одведоа и му Го предадоа на Пилат.
2 А Пилат Го праша: 'Ти ли си Царот на Евреите?' А Тој му одговори, велејќи: 'Така е како што велиш!'
3 Првосвештениците Го обвинуваа за многу работи.
4 Пилат пак Го праша: 'Ништо ли не одговараш? Гледај за колку многу работи те обвинуваат!'
5 Но Исус веќе ништо не одговараше, па Пилат се чудеше.
6 А на секој празник тој им ослободуваше по еден затвореник, кого ќе го побараа.
7 Таму беше и еден по име Бараба, кој беше окован заедно со други бунтовници, кои во еден бунт беа извршиле убиство.
8 И народот извика гласно и почна да го моли да го направи она што секогаш го правел.
9 А Пилат им одговори, велејќи: 'Сакате ли да ви Го ослободам Царот на Евреите?',
10 зашто знаеше дека првосвештениците Го предадоа од завист.
11 Но првосвештениците го наговорија народот дека е подобро да им го пушти Бараба.
12 Пилат, пак, одговори, велејќи: 'Тогаш, што да направам со Оној, Кого Го викате Цар на Евреите?'
13 А тие повторно извикуваа: 'Распни Го!'
14 Пилат пак им рече: 'Какво зло сторил?' Но тие уште погромко извикуваа: 'Распни Го!'
15 Тогаш Пилат, сакајќи да ја задоволи толпата, го ослободи Бараба, а Исус, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат.
16 Bојниците Го одведоа во дворот, односно во преторијата, и ја собраа целата чета.
17 Му облекоа пурпурна наметка, сплетоа и Му ставија венец од трње,
18 и почнаа да Го поздравуваат: 'Биди поздравен, Цару еврејски!'
19 И Го удираа со трска по главата, Го плукаа и паѓајќи на колена, Му метанисуваа.
20 А кога Му се изнаругаа, ја соблекоа од Него пурпурната наметка и Му ја облекоа Неговата облека, и Го поведоа да Го распнат.
21 И натераа еден минувач, Симон од Киринеја, татко на Александар и Руф, кој се враќаше од полето, да го носи Неговиот крст.
22 И Го доведоа на местото Голгота, што значи Место на черепи.
23 И Му даваа вино со смирна, но Тој не прими.
24 Потоа Го распнаа и ја поделија Неговата наметка, фрлајќи жрепка за неа - кој што да земе.
25 А беше третиот час, кога Го распнаа.
26 И имаше напишано натпис, што ја означуваше Неговата вина: 'ЦАРОТ НА ЕBРЕИТЕ.'
27 И со Него распнаа двајца разбојници; еден оддесно, а еден одлево.
28 И се исполни Писмото кое вели: 'И Го вброија меѓу злосторници.'
29 А минувачите Му се ругаа, вртејќи со своите глави, велејќи: 'Еј! Ти што го уриваш Храмот и го изградуваш за три дни,
30 спаси Се Себеси и слези од крстот!'
31 Слично се подбиваа првосвештениците, заедно со закониците, говорејќи еден на друг: 'Другите ги спаси, а Себеси не може да се спаси!
32 Христос - Царот на Израел! Нека слезе сега од крстот, та да видиме и да поверуваме!' Го навредуваа и тие што беа распнати со Него.
33 А во шестиот час, настана темнина по сета земја, сè до деветтиот час.
34 А во деветтиот час, Исус извика со силен глас: 'Елои, Елои, Лама Сабахтани!'- што значи: 'Боже мој, Боже мој, зошто Ме напушти!'
35 Штом го чуја тоа, некои од тие што стоеја таму, рекоа: 'Ете, го вика Илија!'
36 И еден отрча и натопи сунѓер во оцет, го надена на трска и Му даде да пие, велејќи: 'Оставете Го да видиме дали ќе дојде Илија да Го симне!'
37 Исус извика со силен глас и издивна.
38 А завесата во светилиштето се расцепи надве, озгора додолу.
39 А кога виде стотникот, кој стоеше спроти Него дека издивна, рече: 'Навистина, Овој човек беше Божјиот Син!'
40 А оддалеку гледаа и жени, меѓу кои беше Марија од Магдала, Марија мајката на Јаков малиот и на Јосиј, и Салома,
41 кои одеа по Него кога беше во Галилеја, Го следеа и Му служеа, и многу други, кои дојдоа со Него во Ерусалим.
42 А кога веќе се свечери, бидејќи беше време за подготовка, односно ден спроти Сабат,
43 дојде Јосиф од Ариматеја, почитуван советник, кој и самиот го чекаше Божјото царство, се осмели и влезе кај Пилат и го побара Исусовото тело.
44 А Пилат се зачуди дека веќе починал, па го повика стотникот и го праша дали е одамна починат.
45 А штом дозна од стотникот, му го даде мртвото тело на Јосиф.
46 Тој купи ленено платно, Го симна, Го завитка во платното и Го положи в гроб, што беше издлабен во карпа, и навали камен пред влезот на гробот.
47 А Марија од Магдала и Марија мајката на Јосиј видоа каде Го положија.