Марко. Chapter 11

1 Кога се приближија до Ерусалим, во Бетфагија и Бетанија, кај Маслиновата Гора, Исус испрати двајца Свои ученици,
2 и им рече: 'Појдете во селоно што е пред вас и штом ќе влезете во него, ќе најдете врзано магаренце, на кое уште никој не јавал. Одврзете го и доведете го!
3 И ако некој ве праша: 'Зошто го правите тоа?', речете: 'Му треба на Господ', и тој веднаш ќе го прати тука.'
4 И отидоа и го најдоа магаренцето врзано до вратата, надвор крај патот, и го одврзаа.
5 А некои од оние што стоеја таму им рекоа: 'Што правите? Зошто го одврзувате магаренцето?'
6 А овие им одговорија како што им рече Исус, и тие ги пуштија.
7 Го доведоа магаренцето кај Исус, ги ставија своите облеки врз него, и Тој седна над нив.
8 А мнозина ги постилаа своите облеки по патот, а други, пак, фрлаа гранчиња, што ги сечеа по нивите.
9 А тие кои одеа пред Него и по Него, извикуваа: 'Осана!' 'Благословен е Оној Кој доаѓа во Господовото име!'
10 'Благословено е царството на нашиот татко Давид, кое доаѓа!' 'Осана во висините!'
11 И влезе во Ерусалим, во Храмот, и штом разгледа сè, бидејќи веќе беше доцна, отиде со дванаесеттемина во Бетанија.
12 А утредента, кога излегоа од Бетанија, Тој огладне
13 и оддалеку виде една смоква, разлистена, па тргна кон неа, не ќе најде ли нешто, а кога втаса, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше време за смокви.
14 Тогаш проговори и и рече: 'Отсега довека никој да не касне плод од тебе!' А Неговите ученици слушаа.
15 Потоа пак дојдоа во Ерусалим, и кога влезе во Храмот почна да ги брка сите што купуваа и продаваа во Храмот. И им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби.
16 И не дозволуваше некој да носи каков-годе сад низ Храмот.
17 Потоа ги поучуваше, велејќи им: 'Не е ли напишано: 'Мојот дом ќе се нарече Дом на молитва за сите народи?' А вие направивте од него разбојничко дувло!'
18 А првосвештениците и закониците го чуја тоа, и бараа начин да Го погубат, зашто се плашеа од Него, додека сиот народ беше восхитен од Неговото учење.
19 А кога се стемни, Тој излезе од градот.
20 Утрото кога поминуваа, ја видоа смоквата исушена од корен.
21 Петар се сети и Му рече: 'Учителе, погледни! Се исушила смоквава што ја проколна!'
22 Исус одговори, велејќи: 'Имајте вера во Бог!
23 Bистина ви велам, ако некој и рече на оваа гора: 'Дигни се и фрли се во морето', а не се посомнева во своето срце, туку верува дека ќе се збидне она што го рекол, така и ќе биде.
24 Затоа ви велам: сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека го примивте, и ќе ви се збиде.
25 И кога сте на молитва, простете ако имате нешто против некого, па и вашиот Татко, Кој е на небесата, да ви ги прости вашите гревови.
26 Ако пак не проштавате, и вашиот Татко, Кој е на небесата, нема да ви ги прости вашите гревови.'
27 Потоа пак дојдоа во Ерусалим, и кога одеше низ Храмот, дојдоа кај Него првосвештениците, закониците и старешините,
28 и Му рекоа: 'Со каква власт го правиш ова и Кој Ти ја даде таа власт да го правиш тоа?'
29 А Исус им рече: 'Ќе ве прашам нешто, а вие одговорете Ми, па ќе ви кажам со каква власт го правам ова.
30 Јовановото крштавање, од небото ли беше или од луѓето? Одговорете Ми!'
31 А тие расправаа меѓу себе: 'Ако кажеме од небото, ќе ни рече: 'Зошто тогаш не му поверувавте?'
32 А што ако речеме, 'од луѓето'?' Се плашеа од народот, зашто сите сметаа дека Јован беше навистина пророк.
33 Му одговорија на Исус, велејќи: 'Не знаеме!' А Исус им рече: 'Ни Јас не ви кажувам со каква власт го правам ова.'