Марко. Chapter 8

1 Bо тие дни, кога пак се собраа едночудо луѓе и немаа што да јадат, ги повика Своите ученици и им рече:
2 'Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни постојано се со Мене а нема што да јадат.
3 Ако ги распуштам гладни по нивните куќи, ќе премалат по патот, зашто некои од нив се дојдени оддалеку.'
4 А учениците Му одговорија: 'Како може некој да ги нахрани со леб во оваа пустина?'
5 А Тој ги праша: 'Колку леба имате?' Тие рекоа: 'Седум'.
6 Тогаш им заповеда на луѓето да испоседнат наземи. И ги зеде седумте леба, заблагодари и ги раскрши, и им даваше на Своите ученици да ги делат, а тие им ги раздадоа на луѓето.
7 Имаа и малку риби. И откако ги благослови, заповеда да ги поделат и нив.
8 И јадеа до наситка, и дигнаа седум кошеви со преостанати парчиња.
9 А беа околу четири илјади; и Тој ги распушти.
10 И веднаш влезе во коработ со учениците, и дојде во околината на Далманута.
11 Варисеите излегоа и почнаа да се препираат со Него, барајќи од Него знак од небото за да Го искушаат.
12 А Тој воздивна длабоко во духот и рече: 'Зошто ова поколение бара знак? Bистина ви велам, на ова поколение нема да му се даде знак.'
13 И ги остави, повторно влезе во коработ и премина на другата страна.
14 И заборавија да земат леб, а имаа само еден леб со себе во коработ.
15 Тогаш Тој им заповеда, велејќи им: 'Bнимавајте! Чувајте се од фарисејскиот и од Иродовиот квасец!'
16 Тие пак размислуваа меѓу себе: 'Па ние немаме леб!'
17 А Исус кога го разбра тоа, им рече: 'Зошто мислите дека немате леб? Уште ли не разбирате и не сфаќате? Закоравено ли е вашето срце?
18 Очи имате, а не гледате? Уши имате, а не слушате? И не си спомнувате ли,
19 кога ги раскршив петте леба на пет илјади, колку кошеви полни со парчиња кренавте?' Му рекоа: 'Дванаесет.'
20 'Кога раскршив седум леба на четири илјади, колку кошеви полни со парчиња кренавте?' Рекоа: 'Седум'.
21 И им рече; 'Уште ли не разбирате?'
22 И дојдоа во Бетсаида, па Му доведоа еден слеп и Го молеа да го допре.
23 Тој го фати слепиот за рака, го изведе надвор од селото и откако му плукна во очите, ги положи рацете на него и го праша: 'Гледаш ли нешто?'
24 Тој ги поткрена очите и рече: 'Гледам луѓе, небаре се дрвја што одат.'
25 Потоа пак ги положи рацете на неговите очи, и тој прогледа и оздраве, и гледаше сè јасно.
26 И го испрати во неговиот дом, велејќи му: 'Не навраќај во селото, и никому не кажувај му!'
27 Излезе Исус со Своите ученици по селата на Цезареја Вилипова; а по пат ги прашуваше, велејќи им: 'Што велат луѓето, кој сум Јас?'
28 Тие Му рекоа: 'Јован Крстителот, други велат Илија, а трети - дека си еден од пророците.'
29 Но Тој ги праша: 'А вие, за кого Ме сметате?' Петар Му одговори и рече: 'Ти си Христос'.
30 И им забрани никому да не зборуваат за Него.
31 И почна да ги поучува дека Синот Човеков треба многу да страда и да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и закониците; дека ќе Го убијат и дека по три дни ќе воскресне.
32 И тоа го зборуваше отворено. А Петар Го повлече настрана и почна да Го прекорува.
33 Но Тој се заврте и откако ги погледна Своите ученици, го прекори Петар и рече: 'Бегај зад Мене, сатано, зашто ти не мислиш за она што е Божјо, туку за она што е човечко.'
34 И го повика народот, заедно со Своите ученици, и им рече: 'Оној што сака да тргне по Мене, нека се откаже од себеси и нека го земе својот крст, па нека оди по Мене.
35 Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби, а оној што ќе ја загуби својата душа заради Мене и Евангелието, ќе ја спаси.
36 Зашто, каква полза има човекот, ако го добие целиот свет, а и напакости на својата душа!
37 И што може човекот да даде во замена за својата душа?
38 Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови во ова прељубничко и грешно поколение, и Синот Човеков ќе се засрами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Татко, заедно со светите ангели. '