Лука. Chapter 24

1 Bо првиот ден на седмицата, многу рано, жените дојдоа на гробот, носејќи ги мирисите што ги беа приготвиле.
2 Но го најдоа каменот тргнат од гробот.
3 А кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус.
4 И додека стоеја збунети заради тоа, ете, пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки.
5 Бидејќи беа уплашени, ги наведнаа лицата кон земјата, а тие им рекоа: 'Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?
6 Тој не е тука! Bоскресна! Спомнете си како ви зборуваше, додека уште беше во Галилеја,
7 говорејќи: 'дека Синот Човеков треба да биде предаден во рацете на грешниците и дека ќе биде распнат и дека ќе воскресне на третиот ден!'
8 И се сетија на Неговите зборови.
9 И кога се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесеттемина и на сите други.
10 А тие беа: Марија од Магдала, и Јоана, и Марија, мајката на Јаков, и други жени со нив та им го кажаа тоа на апостолите.
11 А ним овие зборови им се чинеа невистина, и не сакаа да им поверуваат.
12 Но Петар стана и отрча до гробот, се наведна и ги виде само ленените завои, и отиде назад, вчудовидени од она што се случило.
13 И ете, во истиот ден, двајца од нив одеа кон едно село наречено Емаус, оддалечено околу десет километри од Ерусалим,
14 и разговараа меѓу себе за сите овие настани.
15 И додека тие разговараа и се прашуваа, Самиот Исус им се приближи и одеше со нив.
16 Но на нивните очи не им беше дадено да Го препознаат.
17 И им рече: 'Какви се тие зборови што ги разменувате меѓу себе одејќи по пат?' А тие застанаа гледајќи нажалено.
18 Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: 'Дали си Ти единствениот туѓинец во Ерусалим, Кој не знае, што се случи во него овие дни?'
19 И им рече: 'Што?' А тие Му рекоа: 'Она што стана со Исус Назареќанецот, Кој беше пророк, силен на дело и на збор, пред Бог и пред целиот народ,
20 и како нашите првосвештеници и старешини Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа.
21 А ние се надевавме дека Тој е Оној што ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, веќе е трет ден откако стана ова.
22 А нè збунија и некои од нашите жени, кои беа отишле многу рано на гробот,
23 и не го нашле Неговото тело. Дојдоа и кажаа дека виделе и јавување на ангели, кои им рекле дека Тој е жив.
24 Некои од нашите отидоа до гробот и го нашле точно како што рекоа жените, но Него не Го виделе.'
25 Тој им рече: 'О неразумни и бавни во сфаќањето на сето она што го рекоа пророците!
26 Не требаше ли Христос да го претрпи тоа, и да влезе во Својата Слава?'
27 Та кога почна од Мојсеј и од сите пророци, им објасни што е пишано за Него во Писмото.
28 Кога се приближија до селото во кое одеа, Тој се направи небаре сака да продолжи понатаму.
29 Но тие Го задржуваа, велејќи: 'Остани со нас, зашто ноќта наближува, а денот веќе превали!' И Тој влезе за да остане со нив.
30 И додека беше прилегнат со нив крај трпезата, зеде леб, благослови, го раскрши и им го даде.
31 Тогаш им се отворија очите и Го препознаа, но Тој стана невидлив за нив.
32 И си рекоа еден на друг: 'Не гореа ли нашите срца во нас, кога ни зборуваше по пат и ни ги толкуваше Писмата?'
33 И во истиот час станаа и се вратија во Ерусалим, каде ги најдоа собрани единаесеттемина, и оние кои беа со нив,
34 кои зборуваа: 'Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон!'
35 А тие, пак, раскажаа што им се случи по пат и како Го препознаа при раскршувањето на лебот.
36 И додека тие уште зборуваа за тоа, Самиот Исус застана сред нив и им рече: 'Мир вам!'
37 А тие збунети и уплашени мислеа дека гледаат дух.
38 А Тој им рече: 'Зошто сте збунети? И зошто се јавуваат сомнежи во вашите срца?
39 Погледнете ги Моите раце и Моите нозе - Јас сум ! Допрете Ме и видете, зашто дух нема месо и коски, а како што гледате, Јас имам.'
40 И кога го рече тоа, им ги покажа рацете и стапалата.
41 А бидејќи тие од радост уште не веруваа, туку се чудеа, им рече: 'Имате ли тука нешто за јадење?'
42 И Му дадоа парче печена риба.
43 Тој го зеде и јадеше пред нив.
44 И им рече: 'Тоа се зборовите што ви ги зборував додека уште бев со вас, дека треба да се исполни сè што е напишано за Мене во Мојсеевиот Закон, во Пророците и во Псалмите.'
45 Тогаш им го отвори умот, за да ги разберат Писмата,
46 и им рече: 'Напишано е дека Христос треба да настрада и да воскресне од мртвите на третиот ден,
47 и да биде навестувано во Негово име покајание и прошка на гревовите на сите народи, почнувајќи од Ерусалим.
48 Bие сте сведоци на тоа,
49 а еве, Јас ви го праќам ветувањето на Мојот Татко, а вие останете во градот, додека не се облечете во сила озгора!'
50 Потоа ги изведе до Бетанија, ги поткрена Своите раце и ги благослови.
51 И додека ги благословуваше, се оддели од нив.
52 А тие се вратија во Ерусалим со голема радост,
53 и беа постојано во Храмот благословувајќи Го Бог.