Лука. Chapter 16

1 А на учениците им зборуваше: 'Беше еден Богат човек кој имаше настојник, кого го наклеветија пред него дека му го растура имотот.
2 И тој го повика и му рече: 'Што слушам за тебе? Дај сметка за твоето управување, зашто веќе не можеш да бидеш настојник!'
3 А настојникот си рече во себеси: 'Што да правам, зашто господарот ќе ми го одземе управувањето? Да копам? Не сум способен! Да питам? Се срамам!
4 Знам што ќе направам за да ме примат во нивните домови, кога ќе бидам отстранет од управувањето.'
5 И ги викна должниците на својот господар - секого одделно. На првиот му рече: 'Колку му должиш на мојот господар?'
6 А тој рече: 'Сто мери масло.' Му рече: 'Земи ја признаницата, седни брзо и напиши - педесет!'
7 Потоа му рече на вториот: 'А ти, колку должиш?' Тој рече: 'Сто мери пченица.' И нему му рече: 'Земи ја признаницата и напиши - осумдесет!'
8 А господарот го пофали несправедливиот настојник, бидејќи постапи итро. Зашто синовите на овој свет се поитри спрема својот род, отколку синовите на светлината.
9 И Јас ви велам: придобијте си пријатели преку неправедно богатство, па кога него ќе го нема да ве пречекаат во вечни живеалишта.
10 Оној што е верен во најмалото - верен е и во многу, а оној што е несправедлив во најмалото, несправедлив е и во многу.
11 Bпрочем, ако не сте биле верни во несправедливото богатство, кој ќе ви го довери вистинското?
12 И ако не сте биле верни во туѓото, кој ќе ви го даде она што е наше?
13 Ниеден слуга не може да им служи на два господара, зашто, или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презре. Не можете да Му служите на Бог и на Мамон!'
14 Сето тоа го слушаа фарисеите, кои беа среброљупци и Му се потсмеваа.
15 А Тој им рече: 'Bие се претставувате како праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца, зашто она што меѓу луѓето се смета за возвишено, пред Бог е гнасно.'
16 'Законот и пророците беа до Јован. Оттогаш се проповеда Евангелието за Божјото царство, и секој сосила се пробива да влезе во него.
17 Полесно ќе биде небото и земјата да поминат, отколку да пропадне една цртичка од Законот.
18 Прељуба чини секој оној што ја остава својата жена и се жени со друга. И оној што се жени со оставена врши прељуба.'
19 'Си беше еден богат човек, кој редовно се облекуваше во пурпур и во ленено платно и се веселеше раскошно секој ден.
20 А еден сиромав, по име Лазар, целиот во чирови, лежеше пред неговата порта
21 и копнееше да го касне она што паѓаше од трпезата на богатиот. Кучињата доаѓаа и му ги лижеа раните.
22 Така сиромавиот умре, и ангелите го однесоа во Авраамовиот скут.
23 Умре и богатиот и го погребаа. А во адот, во маката, тој ги поткрена своите очи и ги виде оддалеку Авраам и Лазар во неговиот скут,
24 и извика: 'Татко, Аврааме, смилувај ми се и испрати го Лазар да го натопи врвот од својот прст во вода, та да ми го разлади јазиков, зашто страшно се измачувам овде во пламенов!'
25 Авраам му рече: 'Синко, сети се дека ти ги прими своите благодати уште додека беше жив, а Лазар лошото! Сега тој овде најде утеха, а ти се измачуваш.
26 Освен тоа, меѓу нас и вас поставена е голема бездна, та и оние што би сакале да преминат оттука кај вас, не можат, а ниту пак вие да преминете оттаму кај нас.'
27 А тој рече: 'Ако е така, те молам, татко, испрати го дома кај татко ми,
28 таму имам петмина браќа, нека им посведочи, за да не се најдат и тие во ова место на маки!'
29 А Авраам рече: 'Ги имаат Мојсеј и пророците, нека ги слушаат нив!'
30 Тој пак му рече: 'Не, татко, Аврааме! Само ако некој од мртвите отиде кај нив, тие ќе се покајат.'
31 Му рече: 'Ако не ги слушаат Мојсеј и пророците, нема да му веруваат ни на оној кој воскреснал од мртвите.''