Лука. Chapter 17
1 И им рече на Своите ученици: 'Неизбежно е да дојдат соблазни, но тешко на оној преку кого доаѓаат!
2 Подобро ќе биде за него да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море, отколку да наведе на грев еден од овие малечкиве.
3 Bнимавајте! Ако згреши твојот брат, искарај го и ако се покае прости му.
4 И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати се обрати кон тебе и рече: 'Се каам!' - прости му!'
5 Апостолите Му рекоа на Господ: 'Зголеми ни ја верата!'
6 А Господ им рече: 'Ако имате вера колку едно синапово зрно - па и речете на црницава: 'Откорни се и пресади се в море', таа ќе ве послуша.
7 Кој од вас, ако има слуга, што му ора или му го чува стадото, ќе му рече кога ќе се врати од поле: 'Дојди бргу и прилегни крај трпезава!'
8 Не ќе му рече ли: 'Приготви ми нешто за вечера и опаши се за да ми служиш додека јадам и пијам, а потоа и ти јади и пиј!'
9 Ќе му заблагодари ли на слугата затоа што ја исполнил заповедта?
10 Така и вие, кога ќе исполните сè што ви е заповедано, речете: 'Ние сме бесполезни слуги, зашто го извршивме она што бевме должни да го извршиме.''
11 Кога одеше за Ерусалим, поминуваше низ Самарија и Галилеја.
12 И при влегувањето во едно село, го сретнаа десетмина лепрозни мажи, кои застанаа подалеку
13 и го подигнаа гласот, велејќи: 'Исусе, Господаре, смилувај ни се!'
14 А Тој, кога ги виде, им рече: 'Одете и покажете им се на свештениците!' И додека одеа, се исчистија.
15 А еден од нив, кога виде дека оздравел, се врати гласно прославувајќи Го Бог.
16 Падна ничкум пред Неговите нозе и Му благодареше. А тој беше самарјанин.
17 Тогаш Исус одговори, велејќи: 'Зар не се исчистија десеттемина? Кај се другите деветмина?
18 Не се најде ли уште некој да се врати и да Го прослави Бог, освен овој туѓинец!'
19 Притоа му рече: 'Стани и оди си, твојата вера те исцели!'
20 А кога фарисеите Го прашаа: 'Кога ќе дојде Божјото царство?' Тој им одговори, велејќи: 'Божјото царство не доаѓа тукутака, та да може да се забележи;
21 ниту пак ќе се каже: 'Еве го, тука е, или таму!' - зашто, ете, Божјото царство е во вас.'
22 А на учениците им рече: 'Ќе дојдат денови, кога ќе посакате да видите еден од дните на Синот Човеков, ама не ќе го видите.
23 И ќе ви зборуваат: 'Еве Го тука!' или 'Ене Го онаму!' Не одете таму и не трчајте по нив!'
24 'Зашто, како што молскавицата кога секнува од едниот крај на небото и болскоти до другиот крај, така ќе биде Синот Човеков во Својот Ден.
25 Меѓутоа, првин Тој треба да настрада многу и да биде отфрлен од ова поколение.
26 И како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и во деновите на Синот Човеков:
27 јадеа, пиеја, се женеа и се мажеа сè до денот кога Ное влезе во ковчегот; и дојде потопот и ги сотре сите.
28 Исто така, беше во деновите на Лот: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа и ѕидаа;
29 а во денот кога Лот излезе од Содом, падна од небото оган и сулфур па ги сосипе сите.
30 Исто така ќе биде во Денот, кога ќе се јави Синот Човеков.
31 Bо тој Ден, кој ќе биде на покривот, а неговата покуќнина во домот, нека не слегува да ја прибере! Исто така оној што ќе се најде в поле, нека не се враќа по оставените работи.
32 Спомнете си за Лотовата жена.
33 Кој сака да си ја спаси душата, ќе ја загуби, а оној што ќе ја загуби, ќе ја спаси.
34 Bи велам, таа ноќ двајца ќе бидат во една постела; едниот ќе биде однесен, а другиот ќе биде оставен.
35 Две жени ќе мелат заедно; едната ќе биде однесена, а другата ќе биде оставена.
36 Двајца ќе бидат на нива; едниот ќе биде однесен, а другиот ќе биде оставен.'
37 Тогаш проговорија и Му рекоа: 'Кај ќе биде тоа, Господи?' А Тој им рече: 'Кај што е трупот, таму ќе се собираат и мршојадците!'