Лука. Chapter 7

1 Кога заврши со говорот пред народот кој Го слушаше, влезе во Капернаум.
2 А слугата на еден стотник, кого тој го почитуваше, беше болен на умирачка.
3 И кога чу за Исус, испрати кај Него јудејски старешини, за да Го замолат да дојде и да му го исцели слугата.
4 А кога стигнаа кај Исус, љубезно Го молеа, велејќи: 'Заслужува да го сториш тоа за него,
5 зашто го љуби нашиот народ и тој ни ја изгради синагогата.'
6 Исус тргна со нив. И кога веќе не беше далеку од куќата, стотникот испрати пријатели да Му кажат: 'Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив.
7 Затоа и не се сметав достоен да Ти пристапам - туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздравее!
8 Зашто исто и јас сум човек потчинет, и имам потчинети војници; и на еден ако му кажам: 'Оди!' тој оди, а на друг: 'Дојди!' доаѓа; а на својот слуга: 'Направи го тоа!' го прави.'
9 Кога го чу тоа, Исус се восхити и се заврте кон народот што одеше по Него и рече: 'Bи велам, толкава вера не најдов ни во Израел.'
10 А кога испратените се вратија дома, го најдоа слугата здрав.
11 Потоа Исус отиде во градот наречен Наин, а со Него одеа Неговите ученици и многу народ.
12 А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка му, која беше вдовица, и со неа одеше голема врволица народ од градот.
13 А кога Господ ја виде, се сожали на неа и и рече: 'Не плачи!'
14 Тогаш се приближи и го допре носилото, а оние што го носеа застанаа, а Тој рече: 'Момче, тебе ти зборувам, стани!'
15 Мртовецот седна и почна да зборува, а Тој и го предаде на мајка му.
16 Страв ги обзеде сите, па Го славеа Бог и велеа: 'Голем пророк се појави меѓу нас' и 'Бог го посети Својот народ.'
17 И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.
18 А Јовановите ученици Му соопштија на Јован сè што се случи.
19 Јован викна двајца свои ученици и ги испрати кај Господ да Го прашаат: 'Ти ли си Оној Кој треба да дојде или да чекаме друг?'
20 Кога испратените дојдоа кај Него, рекоа: 'Јован Крстителот нè прати кај Тебе, велејќи: Ти ли си Оној Кој треба да дојде, или да чекаме друг?'
21 Bо тој час Тој исцели мнозина од болести, маки и зли духови, и на мнозина слепи им подари вид.
22 Тогаш ним им одговори: 'Одете и известете го Јован што видовте и чувте: слепи прогледуваат, куци проодуваат, лепрозни се исчистуваат, глуви прослушуваат, мртви стануваат, на бедните им се проповеда Евангелието;
23 и блажен е оној кој не ќе се соблазни од Мене!'
24 А кога испратените од Јован си отидоа, почна да му зборува на народот за Јован: 'Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што ветрот ја лулее?
25 Што излеговте да видите? Човек облечен во мека облека? Ете, луѓето, кои носат сјајни облеки и живеат раскошно, се во царските дворци.
26 А вие, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам повеќе и од пророк!
27 Тој е оној за кого е пишано: 'Еве, го праќам Мојот гласникпред Твоето лице, кој ќе го подготви Твојот пат пред Тебе!'
28 Bи велам: меѓу родените од жена нема поголем од Јован; но најмалиот во Божјото царство е поголем од него.'
29 И сиот народ и даночниците, кои го чуја ова, ја признаа Божјата правда, зашто беа крстени со Јовановото крштавање.
30 А фарисеите и закониците ја отфрлија Божјата намера за нив, и не го примија неговото крштавање.
31 А со кого да ги споредам луѓето од ова поколение? На кого се слични?
32 Тие се како децата кои седат по пазариштата и си викаат едни на други: 'Bи свиревме, а не игравте! Bи пеевме жални песни, а не плачевте!'
33 Зашто дојде Јован Крстителот, кој ниту јаде леб, ниту пие вино, а велите: 'Демон има!'
34 Дојде Синот Човеков, Кој јаде и пие, а велите: 'Ете, јадач и пијаница, пријател на даночниците и грешниците!
35 Но се оправда мудроста пред сите нејзини чеда!'
36 Еден од фарисеите Го замоли Исуса да јаде со него. Тој влезе во неговиот дом и прилегна крај трпезата.
37 И ете, една жена од градот, која беше грешница, кога дозна дека Тој е прилегнат до трпезата во куќата на фарисејот, донесе со себе сад од алабастер со миро,
38 и застана зад Него до Неговите нозе, плачејќи и почна да Му ги мие нозете со солзи, да ги брише со својата коса, ги целиваше Неговите нозе и ги помазуваше со миро.
39 И кога го виде тоа фарисејот кој Го покани, си рече во себеси: 'Да е Овој Пророкот, би знаел која е и каква е оваа жена што се допира до Него: дека е грешница.'
40 А Исус пак му одговори и рече: 'Симоне, имам да ти кажам нешто.' А тој: 'Кажи, Учителе!'
41 Рече: 'Двајца му беа должни на еден заемодавец. Едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет.
42 Бидејќи немаа да му вратат, тој великодушно им прости на двајцата. Кој од нив ќе го сака повеќе?'
43 Симон одговори: 'Мислам оној кому повеќе му простил.' А Тој му рече: 'Право пресуди!'
44 И кога се заврте кон жената, му рече на Симон: 'Ја гледаш ли оваа жена? Bлегов во твојот дом, ти не ми даде вода за нозете, а таа со солзи ми ги облеа нозете и со својата коса ги избриша.
45 Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да Ми ги целива нозете.
46 Ти не ми ја помаза главата со масло, а таа Ми ги помаза нозете со миро.
47 Затоа ти велам, простени и се многу гревови, зашто имаше многу љубов; кому малку се простува - тој малку љуби.'
48 А нејзе и рече: 'Простени ти се гревовите.'
49 Оние кои беа заедно со Него крај трпезата, почнаа да си зборуваат во себе: 'Кој е Овој што и гревови простува?'
50 А на жената и рече: 'Твојата вера те спаси! Оди си со мир!'