Лука. Chapter 9
1 Потоа ги повика дванаесеттемина и им даде сила и власт над сите демони, како и да исцелуваат болести.
2 И ги испрати да го навестуваат Божјото царство и да исцелуваат болни.
3 Им рече: 'Не земајте ништо за пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни пари! Ниту да имате по две облеки.
4 И во која куќа и да влезете, останете таму и оттаму тргнувајте.
5 И ако некои не ве примат, излезете од нивниот град, истресете си го правот од нозете, за сведоштво против нив!'
6 Тогаш тргнаа и одеа по селата, проповедајќи го Евангелието и исцелувајќи насекаде.
7 А тетрархот Ирод чу за сè што се случува и беше многу вознемирен, зашто некои зборуваа дека Јован воскреснал од мртвите;
8 други дека се појавил Илија; трети пак дека станал еден од старите пророци.
9 Ирод рече: 'На Јован јас му ја отсеков главата, а Кој е Овој за Кого слушам такви работи?' И бараше да Го види.
10 А кога се вратија апостолите, Му раскажаа сè што направиле. И кога ги зеде со Себеси, се повлече насамо, спроти градот наречен Бетсаида.
11 Но штом народот разбра за тоа, тргна по Него. А Тој ги прифати и им зборуваше за Божјото царство и ги исцелуваше оние кои имаа потреба од исцелување.
12 А кога денот почна да одминува, дванаесеттемина Му пристапија и Му рекоа: 'Испушти го народот да оди по околните села и населби, за да најде преноќиште и јадење, зашто тука сме на пусто место!'
13 Тој, пак, им рече: 'Дајте им вие јадење!' А тие рекоа: 'Немаме ништо повеќе од пет леба и две риби, освен да отидеме и да купиме храна за сиот овој народ!'
14 Зашто беа околу пет илјади мажи. И им рече на Своите ученици: 'Нека испоседнат во групи по педесет!'
15 И така направија и ги поседнаа сите.
16 Тој ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши и им даваше на учениците за да ги стават пред народот.
17 И сите јадеа и се наситија, и ги кренаа парчињата што останаа полни дванаесет кошеви.
18 Кога еднаш се молеше сам, а учениците беа со Него, ги праша: 'Што вели народот, Кој Сум Јас?'
19 Тие Му одговорија: 'Едни велат, Јован Крстителот, други Илија, а трети дека воскреснал некој од старите пророци.'
20 Тогаш им рече: 'А вие што велите, Кој Сум Јас?' Петар во одговор рече: 'Божјиот помазаник!'
21 А Тој строго им заповеда никому да не го кажуваат тоа;
22 велејќи дека Синот Човеков треба да пропати многу, да биде отфрлен од старешините, од првосвештениците и од закониците, да биде убиен и да воскресне на третиот ден.
23 И на сите им зборуваше: 'Ако некој сака да оди по Мене, нека се откаже од себеси и нека го зема својот крст секојдневно, и нека Ме следи!
24 Кој сака да ја спаси својата душа - ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, тој ќе ја спаси.
25 Зашто, каква полза има човекот ако го добие целиот свет, а самиот себе се загуби или се упропасти?
26 Зашто, од оној кој се срами од Мене и од Моите зборови, и Синот Човеков ќе се срами од него кога ќе дојде во Својата слава и во славата на Таткото и на светите ангели.
27 И вистина ви велам, има некои меѓу овие што стојат тука, кои нема да вкусат смрт, додека не го видат Божјото царство.'
28 А на околу осум дена по овие зборови, Тој ги зеде со себе Петар, Јован и Јаков и се искачи на гората да се моли.
29 И додека се молеше, Неговото лице се измени, а облеката Му стана бела и сјаеше.
30 И ете, два човека разговараа со Него; тоа беа Мојсеј и Илија,
31 кои се јавија во слава и говореа за Неговото заминување, што требаше да го изврши во Ерусалим.
32 А сон ги совлада Петар и неговите другари. И кога се разбудија, ја видоа Неговата слава и двајцата мажи кои стоеја со Него.
33 И кога тие се разделуваа од Него, Петар Му рече на Исус: 'Господаре, убаво ни е да останеме тука. Да направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј, еден за Илија' - не сфаќајќи самиот што зборува.
34 И додека тој уште го зборуваше тоа, дојде облак и ги засени и се исплашија кога влегоа во облакот.
35 А од облакот дојде глас кој велеше: 'Овој е Мојот Син, Мојот Избраник! Него Слушајте Го!'
36 Кога гласот заврши, Исус се најде Сам. Тие пак молчеа и никому ништо не кажуваа во тие дни за она што го видоа.
37 А на другиот ден, кога слегуваа од гората, Го пречека многу народ.
38 И ете, еден човек од народот извика: 'Учителе, Те молам, да го видиш мојот син, зашто ми е единец!
39 Ете, дух го напаѓа и почнува одеднаш да вика, и го фрла во грч со пена на устата и кога ќе го нападне, одвај го напушта.
40 Ги молев Твоите ученици да го истераат, но не можеа.'
41 Исус пак одговори и рече: 'О, неверно и изопачено поколение, до кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го син ти тука!'
42 И додека му приоѓаше, демонот го кутна наземи и почна да го крши; но Исус го прекори нечистиот дух и го исцели момчето и му го предаде на татко му.
43 И сите се восхитија на Божјото величество. И додека сите беа вчудовидени од сето она што го направи, Тој им рече на Своите ученици:
44 'Чујте ги овие зборови: нека ви одѕвонуваат во ушите: 'Синот Човеков ќе биде предаден во човечки раце!'
45 Но тие не ја разбраа таа изјава, зашто беше скриена од нив, за да не ја разберат, а се плашеа да го прашаат за неа.
46 И се јави расправија - кој од нив ќе биде најголем?
47 А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави крај Себеси,
48 и им рече: 'Тој што го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима. А кој Ме прима Мене, Го прима Оној Кој Ме прати; зашто, оној кој е најмал меѓу сите вас, тој е голем.'
49 А Јован проговори и рече: 'Господаре, видовме еден кој истерува демони во Твое име, и му забранивме, зашто не оди по нас.'
50 Исус пак му рече: 'Не бранете му. Зашто, кој не е против вас, тој е за вас.'
51 А кога дојде време да се вознесе, Тој цврсто реши да отиде во Ерусалим;
52 и испрати гласници пред Себе. Тие заминаа и дојдоа во едно самарјанско село - да подготват место за Него.
53 Но таму не Го примија, зашто беше тргнал кон Ерусалим.
54 Кога го видоа тоа учениците Јаков и Јован, рекоа: 'Господи, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото и да ги истреби?'
55 А Тој се заврте и ги прекори, велејќи: 'Bие не знаете со каков дух сте;
56 зашто Синот Човеков не дојде да погубува човечки души, туку да ги спаси.' И отидоа во друго село.
57 И додека одеа по патот, еден му рече: 'Ќе Те следам каде и да одиш.'
58 Исус пак му рече: 'Лисиците имаат дувла и небесните птици - гнезда, а Синот Човеков нема каде да засолне глава.'
59 А на друг му рече: 'Оди по Мене!' Но тој рече: 'Господи, дозволи ми најнапред да појдам и да го погребам татко ми.'
60 Но Тој рече: 'Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци. А ти, оди и навестувај го Божјото царство! '
61 А трет рече: 'Јас ќе Те следам, Господи, но дозволи ми прво да се збогувам со домашните!'
62 Исус пак му рече: 'Никој, кој ја ставил својата рака на ралото, а погледнува наназад, не е достоен за Божјото царство.'