Лука. Chapter 5

1 Еднаш, додека народот се туркаше околу Него за да го слуша Божјото Слово, а Тој стоеше крај Генисаретското Езеро,
2 крај брегот забележа два кораба. Рибарите беа излегле од нив и ги плавеа мрежите.
3 Тој влезе во еден од корабите, кој беше на Симон и го замоли да го оддалечи малку од копното. Потоа седна и го поучуваше народот од коработ.
4 А кога прекрати да зборува, му рече на Симон: 'Навлези кон подлабокото и фрлете ги мрежите за лов!'
5 Симон Му одговори, велејќи: 'Господаре, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме, но на Твој збор, ќе ги фрлиме мрежите.'
6 А кога го сторија тоа, уловија многу риби, тики почнаа да им се кинат мрежите.
7 И им дадоа знак на другарите во другиот кораб, за да дојдат и да им помогнат. А тие дојдоа и ги наполнија двата кораба, па почнаа да тонат.
8 Кога Симон Петар го виде тоа, падна пред Исусовите нозе и рече: 'Бегај од мене, Господи, зашто сум грешен човек!'
9 Се вчудовидоа тој и сите што беа со него, заради многуте риби што ги уловија,
10 а исто така и Забедеевите синови, Јован и Јаков, кои му беа другари на Симон. А Исус му рече на Симон: 'Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе!'
11 И кога ги извлекоа корабите на суво, оставија сè и тргнаа по Него.
12 Кога беше во еден град, ете, човек, целиот лепрозен, штом Го виде Исуса, падна ничкум и Го преколнуваше, велејќи: 'Господи, ако сакаш, можеш да ме исчистиш.'
13 Тогаш Тој ја протегна раката, го допре и рече: 'Сакам, биди чист!' И веднаш лепрата го напушти.
14 И му заповеда никому да не му кажува, туку му рече: 'Оди, покажи му се на свештеникот и принеси жртва за твоето исчистување како што заповеда Мојсеј, ним за сведоштво!'
15 А гласот за Него, сè повеќе се разнесуваше и едночудо народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од нивните болести.
16 А Тој честопати се повлекуваше во пустината и се молеше.
17 И кога еден ден поучуваше, седеа фарисеите и закониците, кои беа дојдени од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим. А Господовата сила беше таму со Него за да исцелува.
18 И ете, луѓето донесоа на носила парализиран човек и се обидуваа да го внесат и да го положат пред Него.
19 А бидејќи не најдоа од каде да го внесат, заради толпата, се искачија на покривот и го спуштија низ отвор, сосе носила, насреде пред Исус.
20 Кога ја виде нивната вера, Тој рече: 'Човеку, гревовите ти се простени.'
21 Тогаш закониците и фарисеите почнаа да се расправаат, велејќи: 'Кој е Овој, што богохулствува ? Кој може да простува гревови освен единствениот Бог?'
22 А Исус, знаејќи ги нивните мисли, во одговор им рече: 'Зошто размислувате така во своите срца?
23 Што е полесно да се рече: 'Гревовите ти се простени' или 'Стани и оди'!
24 Но, за да знаете дека Синот Човеков има власт на земјата да простува гревови, му рече на парализираниот: 'Тебе ти велам, стани, дигни го носилото и оди си дома!'
25 И веднаш стана пред нив, го зеде она на кое лежеше, и си отиде дома славејќи Го Бог.
26 А тие сите се вчудовидоа, Го славеа Бог и исполнети со страв, зборуваа: 'Денес видовме чудесни нешта!'
27 Потоа излезе и го забележа даночникот по име Левиј, како седи на местото каде што се собира данок, и му рече: 'Оди по Мене!'
28 Тој остави сè, стана и тргна по Него.
29 И Левиј му приреди голема гозба во својот дом, имаше и многу даночници и други прилегнати со нив крај трпезата.
30 А фарисеите и нивните законици негодуваа пред Неговите ученици, велејќи: 'Зошто јадете и пиете со даночници и грешници?'
31 Исус одговори и им рече: 'Здравите немаат потреба од лекар, туку болните.
32 Не дојдов да ги повикам праведните на покајание, туку грешниците.'
33 А тие тогаш Му рекоа: 'Јовановите ученици постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?'
34 Исус пак им рече: 'Можете ли да ги натерате сватовите да постат додека е младоженецот со нив?
35 Но ќе дојдат дни кога младоженецот ќе биде отмен од нив; во тие дни ќе постат.'
36 А им ја кажа и оваа споредба: 'Никој не кине парче од нова облека, за да ја закрпи старата. Зашто новата ја кине, а на старата не и прилега алтица од новата.
37 И никој не налева ново вино во стари мешини; инаку новото вино ќе ги скине мешините и ќе истече, а мешините ќе пропаднат.
38 Туку ново вино треба да се налева во нови мешини.
39 И никој, откако пиел старо вино, не сака ново, зашто вели: 'Старото е подобро.''