Лука. Chapter 15

1 Сите даночници и грешници се собираа околу Него, за да Го слушаат.
2 А фарисеите и закониците пак мрмореа, велејќи: 'Овој прима грешници и јаде со нив.'
3 Тогаш им ја кажа оваа споредба:
4 'Кој од вас, ако има сто овци, и загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде.
5 А кога ќе ја најде, ќе ја крене на своите рамена радувајќи се
6 и кога ќе дојде дома, ќе ги викне пријателите и соседите и ќе им рече: 'Радувајте се со мене, зашто ја најдов својата изгубена овца!'
7 Bи велам: поголема радост ќе има на небото, за еден грешник кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, кои немаат потреба од каење.'
8 'Или, која жена, ако има десет сребреници и загуби еден, нема да запали светилка, и не ќе ја мете куќата, и не ќе го бара внимателно, додека не го најде?
9 А кога ќе го најде, ќе ги викне пријателите и соседите и ќе им рече: 'Радувајте се со мене, зашто го најдов сребреникот што го загубив!'
10 На ист начин, ви велам, се радуваат Божјите ангели, заради еден грешник, кој се кае.'
11 И рече: 'Еден човек имаше два сина.
12 Помладиот од нив му рече на татка си: 'Татко, дај ми го делот од имотот, што ми припаѓа!' И тој им го раздели имотот.
13 А по неколку дена помладиот син собра сè што беше негово и замина во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно.
14 Кога потроши сè, настана голем глад во таа земја, и тој се најде во скудност.
15 Тогаш отиде и се здружи со еден тамошен човек, а тој го испрати на своите полиња, за да ги пасе свињите.
16 И страден беше да го наполни својот желудник со рогачки што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17 А кога дојде на себеси, рече: 'Колку момоци кај татко ми имаат леб во изобилство, а јас овде умирам од глад!
18 Ќе станам и ќе си појдам кај татко ми, па ќе му речам: 'Татко, згрешив спрема небото и пред тебе;
19 не сум веќе достоен да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од твоите момоци!'
20 И стана и тргна кон татка си. И кога беше уште далеку, неговиот татко го здогледа и се сожали, па се стрча кон него, му се фрли на вратот и го целиваше.
21 А синот му рече: 'Татко, згрешив спрема небото и пред тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син!'
22 Но таткото им рече на своите слуги: 'Бргу, донесете ја најубавата облека, облечете го и ставете му прстен на раката, и обувки на нозете.
23 Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме,
24 зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше загубен и се најде.' И почнаа да се веселат.
25 А неговиот постар син беше в поле. Кога се враќаше и се приближи до куќата, чу песна и играње;
26 па повика еден од слугите и го праша што е тоа.
27 А тој му рече: 'Брат ти си дојде и твојот татко го закла згоеното теле, бидејќи се врати жив и здрав.'
28 Тој се налути и не сакаше да влезе, а неговиот татко излезе и почна да го моли.
29 А тој му одговори на татка си: 'Еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив ниедна твоја заповед, а ти никогаш не ми даде ни јаре, за да се повеселам со своите пријатели.
30 А кога дојде овој твој син, кој го сплиска твојот имот со блудници, му закла згоено теле!'
31 Тој пак му рече: 'Чедо, ти си секогаш со мене, и сè што е мое - твое е.
32 Но треба да се веселиме и да се радуваме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе, беше загубен и се најде.''