Лука. Chapter 18
1 Им кажа споредба за да им покаже како треба секогаш да се молат и да не се обесхрабруваат.
2 И рече: 'Bо еден град имаше некој судија кој не се плашеше од Бог, и не се грижеше за луѓето.
3 А во истиот град живееше и една вдовица, која постојано доаѓаше кај него и го молеше: 'Заштити ме од мојот соперник!'
4 Извесно време тој не сакаше да ја слуша, а потоа си рече во себеси: 'Иако не се плашам од Бог, ниту луѓето ме засегаат;
5 ќе ја заштитам вдовицава, зашто постојано ми додева'',
6 а Господ рече: 'Чујте, што зборува неправедниот судија!
7 Та нема ли Бог да ги заштити Своите избраници кои Го повикуваат дење и ноќе, и ќе ги остави ли долго да чекаат?
8 Bи велам, брзо ќе ги заштити. Сепак, кога ќе дојде Синот Човеков, ќе најде ли вера на земјата?'
9 А на некои, кои беа уверени во себе дека се праведни, и кои со презир гледаа на другите, им ја кажа следнава споредба:
10 'Двајца влегоа во Храмот да се помолат: едниот фарисеј, а другиот даночник.
11 Варисејот застана и се молеше во себеси вака: 'Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, неправедници, прељубници, или како овој даночник.
12 Постам двапати во седмицата и давам десеток од целиот свој приход.'
13 А даночникот стоеше далеку и не сакаше ниту очите да ги поткрене кон небото, туку се удираше в гради и велеше: 'Боже, биди милостив спрема мене грешникот!'
14 Bи велам, овој се врати дома оправдан, а другиот не. Зашто секој кој се возвишува себеси, ќе биде понижен, а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен.'
15 Му носеа и мали деца, за да ги допре, а кога учениците го видоа тоа, им забрануваа.
16 Но Исус ги повика и рече: 'Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на таквите им припаѓа Божјото царство!
17 Bистина ви велам, кој не го прима Божјото царство како дете, тој никако нема да влезе во него.'
18 А еден началник го праша, велејќи: 'Учителе добар, што треба да сторам за да наследам вечен живот?'
19 Исус му рече: 'Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен Самиот Бог.
20 Ги знаеш заповедите: 'Не врши прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно и почитувај ги татка си и мајка си!'
21 Тој пак рече: 'Сето тоа сум го запазил уште од мојата младост!'
22 А кога Исус го чу тоа, му рече: 'Уште едно ти недостига: продај сè што имаш, и раздај го на сиромасите и ќе имаш богатство на небесата! Потоа, дојди и следи Ме!'
23 Кога го чу тоа, многу се нажали, зашто беше многу богат.
24 А кога Исус го погледна, рече: 'Колку тешко им е да влезат во Божјото царство на оние кои имаат богатство!
25 Полесно и е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богат да влезе во Божјото царство.'
26 А оние кои го чуја тоа, рекоа: 'Тогаш, кој може да се спаси?'
27 Тој пак рече: 'Она што е невозможно за луѓето, можно е за Бог.'
28 А Петар рече: 'Еве, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе!'
29 Тој им рече: 'Bистина ви велам, нема таков којшто ако заради Божјото царство оставил: куќа, жена, браќа, родители или деца,
30 а да не прими многу повеќе во ова време, а во идниот век и вечен живот.'
31 Потоа ги зеде со Себе дванаесеттемина и им рече: 'Еве, одиме горе во Ерусалим и ќе се исполни сè што пишувале пророците за Синот Човеков,
32 зашто ќе биде предаден на неверниците, и ќе Му се потсмеваат, и ќе биде измачуван и плукан;
33 и откако ќе биде камшикуван, ќе Го убијат, но Тој ќе воскресне на третиот ден.'
34 Но тие не разбраа ништо од тоа, зашто тој збор беше скриен од нив и не го сфатија кажаното.
35 А кога се приближи до Ерихон, некој слеп човек седеше крај патот и просеше.
36 Кога чу дека поминува народ, праша што е тоа?
37 Му рекоа дека минува Исус од Назарет,
38 а тој извика, велејќи: 'Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!'
39 А оние што одеа напред го прекоруваа да молчи. Но тој викаше уште посилно: 'Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!'
40 Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога се приближи го праша:
41 'Што сакаш за тебе да сторам?' А тој рече: 'Господи, да прогледам!'
42 Тогаш Исус му рече: 'Прогледај! Твојата вера те исцели.'
43 И тој прогледа веднаш и тргна по Него, славејќи Го Бог. И сите луѓе, кои го видоа тоа, Му оддадоа слава на Бог.