Јован. Chapter 21
1 Потоа Исус им се јави пак на учениците, на Тибериското Море, и тоа стана вака:
2 Симон Петар и Тома, наречен Близнак, Натанаил од галилејскиот град Кана и Зебедеевите синови, и други двајца од Неговите ученици, беа заедно.
3 Симон Петар им рече: 'Ќе одам да ловам риби!' Тие му рекоа: 'Ќе дојдеме и ние со тебе.' И така, излегоа и влегоа во коработ, но таа ноќ не уловија ништо.
4 А кога се разденуваше, Исус застана на брегот, но учениците не знаеја дека е Тој.
5 Исус им рече: 'Чеда, немате нешто уловено, нели?' Му одговорија: 'Немаме.'
6 А Тој им рече: 'Врлете ја мрежата оддесно на коработ и ќе фатите.' И така, ја фрлија, и веќе не можеа да ја извлечат од многуте риби.
7 Тогаш ученикот, кого Исус го љубеше, му рече на Петар: 'Тоа е Господ.' Штом Симон Петар чу дека е Господ, си ја препаша облеката (зашто беше необлечен) и скокна во морето.
8 А другите ученици дојдоа со коработ, влечејќи ја мрежата со рибите, зашто не беа далеку од копното - туку околу двеста лакти.
9 Кога излегоа на брегот, видоа: направен жар, риби врз него и леб.
10 Исус им рече: 'Донесете од рибите што ги уловивте сега!'
11 Тогаш Симон Петар стана и ја извлече мрежата на брегот полна со големи риби, сто педесет и три. Иако беа толку многу, мрежата не се скина.
12 Исус им рече: 'Дојдете да јадете!' А ниеден од учениците не се осмели да Го праша: 'Кој си Ти?', зашто знаеја дека е Господ.
13 Исус дојде, зеде леб и им даде, и риби, исто така.
14 Тоа веќе беше третпат како Исус им се јави на учениците откако воскресна од мртвите.
15 Откако завршија со појадокот, Исус го праша Симон Петар: 'Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли повеќе отколку другиве?' Тој Му одговори: 'Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.' Тогаш Му рече: 'Паси ги Моите јагниња!'
16 Потоа вторпат го праша: 'Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли?' Овој му одговори: 'Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.' Исус Му рече: 'Bоди ги Моите овци на пасење!'
17 И третпат го праша: 'Симоне, сине Јованов, Ме сакаш ли?' Петар се нажали дека по третпат го праша: 'Ме сакаш ли?', и Му одговори: 'Господи, Ти знаеш сè, Ти знаеш дека Те сакам.' Исус му рече: 'Паси ги Моите овци!
18 Bистина, вистина, ти велам: кога беше помлад се опашуваше сам и одеше каде што сакаше, но кога ќе остарееш, ќе ги рашириш своите раце и друг ќе те опашува и ќе те води каде што не сакаш.'
19 А ова го рече, назначувајќи со каква смрт тој ќе Го прослави Бог. Откако го кажа тоа, му рече: 'Оди по Мене!'
20 А Петар, кога се обѕрна, виде дека по нив оди ученикот кого Исус го милуваше, кој на вечерата се потпре на Исусовите гради и рече: 'Господи, кој ќе Те предаде?'
21 Штом Петар го виде, Го праша Исуса: 'Господи, а што е со овој?'
22 Исус му рече: 'Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што те засега тоа тебе? Ти следи Ме!'
23 Така се разнесе овој збор меѓу браќата, дека оној ученик, нема да умре. А Исус не му рече дека нема да умре, туку: 'Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што те засега тоа тебе?'
24 Овој е ученикот кој сведочи за ова и кој го напиша ова и знаеме дека неговото сведоштво е вистинито.
25 А има и многу други работи што ги направи Исус, туку ако се запишуваше секоја од нив, мислам дека напишаните книги не ќе можеа да бидат сместени во целиот свет.