Јован. Chapter 20

1 Bо првиот ден на седмицата, многу рано, додека уште беше темно, Марија од Магдала дојде на гробот и виде дека каменот од гробот е поместен.
2 Тогаш отрча и дојде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: 'Го изнесле Господ од гробот и не знаеме каде Го положиле.'
3 А Петар и другиот ученик излегоа и тргнаа кон гробот.
4 И двајцата трчаа заедно, но другиот ученик трчаше побргу од Петар и стигна прв до гробот.
5 Тој се наведна и виде ленени повои, како лежат, но не влезе внатре.
6 По него стигна Симон Петар, па влезе во гробот и ги виде повоите како лежат,
7 а крпата, што беше на Неговата глава, не беше заедно со повоите, туку беше свиткана одделно, на едно место.
8 Тогаш влезе и другиот ученик, кој стигна прв до гробот, и виде и поверува.
9 Зашто сè уште не го беа разбрале Писмото, дека Тој треба да воскресне од мртвите.
10 Тогаш учениците повторно се вратија дома.
11 А Марија стоеше надвор, кај гробот и плачеше. Додека плачеше, таа се наведна и погледна во гробот
12 и виде два ангела во бело, како седат таму каде што лежеше Исусовото тело, едниот кај главата, а другиот кај нозете.
13 Тие и рекоа: 'Жено, зошто плачеш?' Им одговори: 'Го однесле мојот Господ и не знам каде Го положиле?'
14 Откако го рече тоа, се сврте и Го виде Исуса како стои, но не знаеше дека е Исус.
15 Исус и рече:'Жено, зошто плачеш? Кого бараш?' Мислејќи дека е градинарот, таа Му рече: 'Господине, ако си Го изнесол ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам!'
16 Исус и рече: 'Марија!' Таа се заврти и на хебрејски Му рече: 'Рабуни!' (што значи Учител).
17 Исус и рече: 'Остави Ме, зашто сè уште не сум појден горе кај Таткото. Туку оди кај Моите браќа и кажи им: 'Се враќам кај Мојот Татко и вашиот Татко, кај Мојот Бог и вашиот Бог.''
18 Марија од Магдала дојде и им јави на учениците дека Го видела Господ и дека Тој тоа и го рекол.
19 А вечерта, на истиот прв ден од седмицата, додека вратата каде што беа собрани учениците беше затворена поради страв од Евреите, Исус дојде, застана насреде и им рече: 'Мир вам!'
20 Откако го рече тоа, им ги покажа рацете и ребрата. Учениците се зарадуваа кога Го видоа Господ.
21 Затоа Исус пак им рече: 'Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!'
22 Кога им го кажа ова, дувна на нив и им рече: 'Примете Свет Дух!
23 На оние на коишто ќе им ги простите гревовите, простени им се; на кои ќе им ги задржите, задржани им се!'
24 А Тома, наречен Близнак, еден од дванаесеттемина, не беше со нив кога дојде Исус.
25 Затоа другите ученици му рекоа: 'Го видовме Господ!' А тој им рече: 'Додека не ги видам раните од клинците на Неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака меѓу Неговите ребра, нема да поверувам.'
26 А по осум дни, Неговите ученици пак беа внатре, и Тома со нив. Додека вратата беше затворена, Исус дојде, застана сред нив и им рече: 'Мир вам!'
27 Потоа му рече на Тома: 'Дај го твојот прст ваму и види ми ги рацете, и дај ја твојата рака и стави ја во Моите ребра, и не биди неверен, туку верен!'
28 Тома изусти, велејќи Му: 'Мојот Господ и мојот Бог!'
29 Исус му рече: 'Поверува, бидејќи Ме виде. Блажени се оние коишто не виделе, а поверувале.'
30 И многу други чудотворни знаци направи Исус пред учениците, што не се запишани во оваа книга;
31 а овие се запишани, за да верувате дека Исус е Христос, Божјиот Син, и верувајќи да имате живот во Неговото име.