Дела Ап.. Chapter 22

1 'Мажи, браќа и татковци! Чујте ја мојата одбрана'
2 Кога чуја дека им говори на еврејски јазик, се смирија уште повеќе. И рече:
3 'Јас сум Евреин, роден во Киликиски Тарс, израснат во овој град, воспитан при Гамалиеловите нозе, научен строго според законот на нашите татковци, оддаден на Бог, како и сите вие денес.
4 Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во зандани мажи и жени,
5 како што може да посведочи за мене врховниот свештеник со сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск, каде одев за да ги приведам врзани во Ерусалим и оние, кои беа таму, за да бидат казнети.
6 Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото.
7 Паднав ничкум на земјата и чув глас како ми зборува: 'Савле, Савле, зошто Ме гониш?'
8 А јас одговорив: 'Кој си ти, Господине?' И ми рече: 'Јас сум Исус Назареќанецот, Кого ти Го прогонуваш.'
9 А оние кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот што ми зборуваше.
10 Тогаш реков: 'Што да правам, Господи?' А Господ ми рече: 'Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сè што ти е определено да правиш!'
11 И бидејќи не можев да гледам од болскотот на светлината, оние што беа со мене ме поведоа за рака и така дојдовме во Дамаск.
12 А некојси Ананиј, благочестив маж според Законот, за кого сведочеа добро сите тамошни Евреи,
13 дојде кај мене, ми се доближи и рече: 'Брате Савле, прогледај!' И јас во истиот миг погледав во него.
14 А тој рече: 'Богот на нашите татковци однапред те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да го чуеш гласот од Неговата уста,
15 зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она што си видел и чул.
16 А што се двоумиш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го Господовото име.'
17 Кога пак се вратив во Ерусалим и кога се молев во Храмот,
18 Го видов како ми вели: 'Побрзај и излези бргу од Ерусалим, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене!'
19 А јас реков: 'Господи, тие знаат дека јас ги затворав и ги тепав по синагогите оние кои веруваа во Тебе;
20 и кога се пролеваше крвта на Твојот сведок Стефан, и јас стоев таму, одобрував и ги чував облеките на оние што го убиваа.'
21 А тој ми рече: 'Оди, зашто ќе те испратам далеку, меѓу нееврејските народи!'
22 Тие го слушаа до тој збор, а тогаш извикаа со силен глас: 'Тргнете го од земјата таквиот, зашто не треба да живее!'
23 Додека тие викаа така, ги кинеа своите облеки и фрлаа прав во воздухот,
24 заповедникот нареди да го одведат во тврдината, велејќи да го испитаат со камшик, за да дознае зошто викаат така против него.
25 А кога го испружија и го врзаа со ремени, Павле му рече на стотникот кој стоеше таму: 'Зар смеете да камшикувате римски граѓанин, и тоа неосуден?'
26 Кога стотникот го чу тоа, отиде и го извести заповедникот, велејќи: 'Што ќе сториш? Овој човек е римски граѓанин!'
27 Тогаш заповедникот дојде кај него и му рече: 'Кажи ми, навистина ли си римски граѓанин?' А тој рече: 'Да!'
28 Заповедникот одговори: 'Јас го добив тоа граѓанство за голема сума.' Павле рече: 'А јас се родив со него.'
29 И веднаш отстапија од него тие што сакаа да го испитуваат. Заповедникот исто така се уплаши кога дозна дека тој е римски граѓанин, зашто го беше врзал.
30 Утредента, сакајќи да знае точно зошто Евреите го обвинуваат, го ослободи, и заповеда да се соберат првосвештениците и целиот Совет, па го доведе долу Павле и го постави пред нив.