Дела Ап.. Chapter 26
1 Тогаш Агрипа му рече на Павле: 'Ти се дозволува да зборуваш за себе.' А Павле ја испружи раката и почна да зборува во своја одбрана:
2 'Цару Агрипа, се чувствувам среќен што можам да се бранам денес пред тебе, од сè што ме обвинуваат Евреите,
3 дотолку повеќе, што ти добро ги познаваш јудејските обичаи и нивните препирки. Затоа те молам да ме ислушаш со трпение.
4 Каков беше мојот живот од младини, што го поминав првин меѓу својот народ во Ерусалим, тоа го знаат сите Евреи,
5 зашто ме познаваат од почетокот, ако сакаат да посведочат, дека живеев како фарисеј, според најдоследната секта на нашата религија.
6 Сега стојам пред судот заради надежта во ветувањето што Бог им го даде на нашите татковци,
7 а за кое нашите дванаесет племиња се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи постојано ноќе и дење. Заради таа надеж, цару, Евреите ме обвинуваат.
8 Зошто вие сметате дека е неверојатно, ако Бог воскреснува мртви?
9 И јас мислев дека треба да вршам многу нешта против името на Исус од Назарет;
10 што и го чинев во Ерусалим; не само што ги затворав со овластување од првосвештениците, туку и се согласував кога ги убиваа.
11 И многупати ги мачев во сите синагоги и ги принудував да хулат; и прекумерно разјарен против нив, ги гонев и по далечните градови.'
12 'Кога за тоа патував во Дамаск, со власт и задача од првосвештениците,
13 на сред бел ден, цару, на патот видов светлина од небото, посилна од сончевиот болскот, која нè осветли мене и оние што патуваа со мене;
14 и кога сите паднавме наземи, чув глас кој ми зборуваше на еврејски јазик: 'Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш? Тешко ти е да клоцаш против остен!'
15 А јас реков: 'Кој си Ти Господине?' Господ рече: 'Јас сум Исус, Кого Ти го прогонуваш.
16 Но стани и застани на своите нозе, зашто затоа ти се јавив, за да те назначам за служител и за сведок, како за ова што го виде, така и за она во кое ќе ти се објавам;
17 избавувајќи те од луѓето и од народите, кај кои те праќам,
18 за да им ги отвориш очите, да се одвратат од темнината кон светлината, од сатанската власт кон Бог, за да примат проштавање на гревовите и наследство меѓу осветените преку вера во Мене.'
19 Затоа, цару Агрипа, не му се спротивив на небесното видение;
20 туку им објавив прво во Дамаск, потоа во Ерусалим и по целата Јудеја, а и на неевреите, дека треба да се покајат и да се обрнат кон Бог, вршејќи дела достојни за покајание.
21 Затоа Евреите ме фатија во Храмот и се обидоа да ме убијат.
22 Но со помошта што ја добив од Бог тука сум до денешен ден и им сведочам и на мало и на големо, не зборувајќи ништо друго освен она што пророците и Мојсеј рекоа дека ќе се збидне:
23 дека Христос ќе настрада и дека, како прв воскреснат од мртвите, ќе им навести светлина и на евреите и на неевреите.'
24 А кога го изнесе тоа во своја одбрана, Вест му рече со силен глас: 'Бладаш, Павле! Многубројните книги те довеле до лудило!'
25 А Павле рече: 'Не сум луд, честит Весте, туку зборувам вистински и разумни зборови,
26 зашто и царот, кому му зборувам слободно, знае за тоа. Имено, не верувам дека му е непознато нешто од ова, зашто ова не се збидна во некој агол.
27 Им веруваш ли, царе Агрипа, на пророците? Знам дека им веруваш!'
28 А Агрипа му рече на Павле: 'Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин!'
29 А Павле рече: 'Би Го молел Бог, порано или подоцна, не само ти, туку и сите, кои ме слушаат денес, да станете такви каков што сум и јас, само без овие окови.'
30 Тогаш станаа царот и управителот, Бернис, како и сите што седеа со нив,
31 се повлекоа и зборуваа меѓу себе, велејќи: 'Овој човек не прави ништо што заслужува смрт или окови.'
32 А Агрипа му рече на Вест: 'Овој човек можеше да биде ослободен, ако не се беше повикал на цезарот.'