Дела Ап.. Chapter 14
1 Bо Иконија влегоа заедно во еврејската синагога и зборуваа така, што мнозина Евреи и Грци поверуваа.
2 Но оние Евреи што не ги послушаа, ги побунија и ги настроија злонамерно душите на неевреите против браќата.
3 Тие сепак останаа тука долго време, смело зборувајќи за Господ, Кој сведочеше за Словото на Својата благодат и овозможуваше нивните раце да прават чудотворни знаци и чуда.
4 Но луѓето во градот се поделија: едни беа со Евреите, а други со апостолите.
5 Кога неевреите и Евреите, со своите старешини, се обидоа да ги нападнат и да ги каменуваат,
6 тие го забележаа тоа и избегаа во ликаонските градови, Листра и Дерба, како и во нивната околина,
7 и таму продолжија да проповедаат.
8 Bо Листра седеше некој човек, со омрцлавени нозе, сакат од мајчината утроба, кој никогаш не одел.
9 Тој го слушаше Павле кога зборуваше, а кога Павле се загледа во него и виде дека има вера за исцелување,
10 му рече со силен глас: 'Исправи се на нозете!' И тој скокна и прооде.
11 А толпата, кога виде што направи Павле, го подигна својот глас, велејќи на ликаонски: 'Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!'
12 И Барнаба го нарекоа Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник.
13 А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе бикови и донесе венци пред портите и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва.
14 Но кога го чуја тоа апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот и извикајќи, велеа:
15 'Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви го проповедаме Евангелието за да се одвратите од тие суетни нешта, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив;
16 Кој во минатите поколенија ги пушти сите народи да одат по своите патишта,
17 и сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси со своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодни години и наситувајќи ги вашите срца со храна и веселба.'
18 И зборувајќи го тоа, одвај успеаја да го запрат народот да не им принесе жртва.
19 Притоа стигнаа Евреи од Антиох и Иконија и откако го наговорија народот, го каменуваа Павле и го извлечкаа од градот, мислејќи дека е мртов.
20 Меѓутоа, кога учениците се собраа околу него, тој стана и повторно влезе во градот. А утредента отиде со Барнаба во Дерба.
21 Откако проповедаа во тој град и придобија многу ученици, се вратија во Листра, Иконија и Антиох;
22 ги закрепнуваа душите на учениците и ги поттикнуваа да бидат постојани во верата, и дека преку многу неволи треба да влезат во Божјото царство.
23 И кога им определија старешини во одделните цркви, се помолија со пост и Му ги предадоа на Господ, во Кого поверуваа.
24 Потоа поминувајќи низ Писидија, дојдоа во Памфилија;
25 и, откако го проповедаа словото во Перга, слегоа во Аталија;
26 а оттаму отпловија во Антиох, откаде и беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија.
27 И кога пристигнаа и ја собраа црквата, раскажаа, што сè направил Бог со нив, и како им ја отворил вратата на верата на неевреите.
28 И останаа подолго време со учениците.